Со вештина и умешност на уметник, со прецизност и декоративно совршенство на виртуоз, но и со познавање и искуство на традицијата на поднебјето од кое потекнува, кратовчанката Елена Арсовска од село Шлегово изработува минијатурни софри – сувенири со традиционални јадења, автентични за поднебјето на Кратово и кратовско што ги пленат сите што ќе ги видат.

Изработките од полимерна глина и дрво се до тој степен реалистични, што наликуваат на вистински, а авторката за овој процес ќе рече дека не и е ниту хоби, ниту професија, туку начин на живот.

Со објавите на социјалните медиуми, Елена никого не остава рамнодушен со она што произлегува од нејзините вешти раце, а таа вели – ги изработува со леснотија и за кратко време, кое иако е мајка на три деца, вели секогаш го наоѓа за да ја реализира својата внатрешна потреба за креација.

Идеите за ракотворбите ми доаѓаат спонтано, постојано имам многу идеи за се и сешто, чувствувам природна потреба да творам, да создавам, да работам нешто со рацете и најчесто идеата се раѓа при самиот процес на работа. Ретко планирам што да работам. Голем дел од времето го поминувам и во учење на нови техники, истражувам на интернет за нови начини и можности на кои можам креативно да се изразам, љубопитна сум и многу нешта ме интересираат. На тој начин, преку следење други ракотворци ширум светот се сретнав и со минијатурите кои веднаш ме пленија и едноставно бев љубопитна дали и јас би можела да направам такво нешто. Бидејќи и претходно работев со полимерна глина, изработував накит, украси и букмаркери, сфатив дека всушност во моите изработки имав навистина минијатурни елементи и  воопшто не ми беше тешко да се изразам и на тој начин, раскажува Елена.

За минијатурите со традиционална храна, инспирацијата природно доаѓа главно од нејзиниот роден град Кратово и нејзиното село Шлегово, најверојатно, како што вели самата, поради носталгијата што ја чувствува кон традицијата.

Творењето на овие дела се мој начин на оживување на сеќавањата, навраќање на оној живот што секојдневно е сè подалеку од нас, да оставам нешто кое ќе може да сведочи за сето она што ја сочинува душата, не само на моето градче, туку и на нашата убава Македонија, вели Арсовска, која ќе рече – ракотвори цел живот.

Уште од мала почнала да плете, да ниже мониста, да ваја, а желбата за сликање кај неа била до толку изразена што верувала дека во животот ќе се посвети на сликарството, така што, сосема природно и спонтано се случило да почне да заработува со изработка на накит, имајќи ја изработката на накит за приоритет и „сопатник“ долги години, а континуирано учејќи нови техники и испробувајќи нови материјали започнала со изработка на минијатурите.

Минијатурите од полимерна глина започнав да ги изработувам пред околу четири години, но тие тогаш беа во поинаков стил и не им посветив многу време, најверојатно затоа што нешто друго сум работела во тој период. Често работам по нарачка и немам време да се посветам на некоја нова идеја, но периодов им се вратив повторно со многу поголема посветеност, раскажува Елена.

Минијатурите се во вид на традиционална македонска храна и други елементи кои ја отсликуваат нашата традиција – бардиња, бокали, глинени садови, чаршавчиња во македонски шари и везови… а Елена вели дека изработката зависи и од нејзиното расположение и концентрација.

Теоретски една масичка би била готова за 4-5 часа доколку се земе предвид и печењето на полимерната глина, сушењето на лепилото, бојата, заштитниот лак… но во пракса процесот трае многу повеќе, бидејќи имам потреба за чести паузи за одмор, за проветрување на просторот после печење, после лакирање, за припрема на просторот за следниот процес, а како креација, често имам  и неуспешни обиди и грешки, па процесот се повторува одново. Она што најмалку ми одзема време е обликувањето на полимерната глина, во тој дел имам големо искуство и едно парче храна може да биде готово за неколку минути, додава Елена.

Интересот за нејзините автентични минијатури расте, а на истите може да се најде буквално секое карактеристично јадење за овој крај – од картовска пастрмајка, тавче-гравче во грне, лути пиперчиња, сиренце и домат…

Дефинитивно не би можела да ги продавам на големо бидејќи не се изработуваат сериски, секој дел од минијатурите се изработува рачно, не употребувам калапи во процесот на изработка и потребно е време за секој детал да биде таков како што е. Потребно е време за да се изработи што било од ваков вид и многу е потешко отколку изработката на покрупни нешта, бара многу концентрација, одзема многу енергија и тешко е да се постигне поголемо производство за кратко време. Освен тоа не би сакала да ги доживувам како сувенири, мислам дека овие изработки се мали уметнички дела. Не би сакала да започнам некој процес во кој би ги изработувала рутински само за да имам поголема продажба. Минијатурите засега можат да се купат само директно од мене, луѓето можат да ме контактираат на социјалните мрежи кадешто сум потпишана како Елена Доленц, вели таа.

На прашањето дали ова го смета за професија или хоби и кои се идните планови во оваа област на изработка сувенири, Арсовска вели дека тоа е  нејзиниот начин на живот.

Сакам да творам, да создавам… тоа го правам најмногу од некоја внатрешна потреба, заработката не ми е приоритет, но за среќа, заработувам на тој начин, преку продажба на моите ракотворби и преку мојот јутјуб канал на кој објавувам видеа со процесот на изработка на истите. Планови конкретни немам, но знам дека секогаш, додека можам, ќе продолжам да креирам, категорична е Елена.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.