Зборовите на Мисирков денес се реалност, неговиот аманет е испочитуван. Успеавме да го поставиме македонскиот јазик на еднакво рамниште со сите други официјални јазици во Европа, со ланското отворање на преговорите со Европската Унија, а со тоа и македонскиот народ и идентитет на исто рамниште со другите народи кои ја сочинуваат ЕУ, истакна премиерот Димитар Ковачевски на свечена академија по повод 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков по кого Институтот е именуван.
Како што рече, факт е дека македонскиот јазик беше оспоруван во општествено-политичкиот свет, во и меѓу државите кои функционираат низ политички одлуки и дека и самиот Мисирков во својата книга од 1903 година, покрај за создавањето на современиот македонски стандарден јазик, зборува и за политичките, економските, културните и јазичните предуслови за формирањето на современата македонска нација.
Но, конечно минатата година, рече Ковачевски, „со стратешкото лидерство и со храбрите одлуки со коишто ги почнавме преговорите со Европската Унија, ставивме крај на внимателните политички формулации дека говориме јазик на Блаже Конески, на Ацо Шопов или на Матеја Матевски“.
Политичките лидери и државни раководства на земјите во светот, од ланскиот јули ја сменија реториката. И без задршка денес зборуваат за македонски јазик и за нас како Македонци. Денес македонскиот јазик е еден од официјалните јазици во Европската Унија. Првиот договор помеѓу Европската Унија и Република Македонија, Договорот за гранично управување со ЕУ, е веќе потпишан на чист македонски јазик. Целото европско законодавство се преведува на македонски јазик. Дури и нашите европски пријатели, како што се нашите пријатели од германскиот Бундестаг, со Резолуција ги признаа постоењето на нашиот засебен македонски јазик, засебна македонска култура и засебен македонски идентитет и како такви не очекуваат и даваат поддршка за да станеме дел од ЕУ, истакна претседателот на Владата.
Меѓутоа постои и фактот, рече Ковачевски, дека во актуелниот контекст и околности „некои сили внатре во нашата држава и надвор од нашата држава, веројатно со ист извор, се обидуваат да го забават или запрат напредокот на нашата држава и на европската иднина на нашите деца“.
Тоа го прават со лаги, дезинформации и злоупотреби, за најчувствителната точка, за нашиот македонски идентитет. И нанесуваат огромна штета токму на нашите идентитетски определби, со тоа што ги доведуваат во прашање. Затоа добро е и неопходно е да посочуваме и ќе посочуваме на успесите што не потврдуваат како македонски народ кој говори свој македонски јазик во европското семејство а народи и јазици, рече Ковачевски.
Тој порача дека Владата ќе направи сѐ што е во нејзина моќ државата да стане и формално дел од Европа и да обезбеди европски квалитет на живот, затоа што, како што рече, „сè додека има луѓе кои го употребуваат македонскиот јазик, тој ќе постои, а со тоа и ние Македонците, а и нашата татковина, Македонија“.
Во таа насока, според него, е од огромно значење соработката со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Тој посочи дека Владата ги поддржува сите проекти на Институтот, меѓу кои беше и дигитализацијата на лексичкиот материјал во картотеките, по 24 години, лани се одобрени 16 вработувања во Институтот, од кои 13 научници, магистри и доктори на науки.
Верувам дека сум премиер кој во една година најмногу пати дошол во овој Институт. И сум единствен премиер во последните 20 години којшто со лична заложба од министерот за финансии и за образование, обезбедивме минатата година да има 16 нови доктори и магистри кои ќе работат во Институтот. Тоа е една од работите на кои сум лично многу горд, истакна Ковачевски.
Премиерот кажа и дека Владата го утврди и текстот за новиот закон за употребата на македонскиот јазик што предвидува и формирање инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, а Министерството за образование и наука ќе објави конкурси за стипендирање кадар што ќе го изучува македонскиот јазик. Старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно, пак, на предлог на Владата се адаптира во Центар за промоција на македонскиот јазик.
Директорката на Институтот „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска се осврна на мисијата на Институтот во изминатите 70 години, од неговите почетоци во 1953 година, на дејноста на научниците кои придонеле во изградбата на оваа установа.
Таа им се заблагодари на основоположниците на Институтот и на кадарот во пензија за, како што рече, „визионерската моќ и пожртвуваноста во развојот и растежот на оваа институција“, меѓу кои на првиот директор Крум Тошев и на долгогодишниот прв човек д-р Трајко Стаматоски.
Институтот за македонски јазик израсна во реномиран центар за изучување на македонскиот јазик, а преку трудовите што се појавуваат минатиот период – во еминентен славистички центар… Резултатите од научната дејност на Институтот се вреднувани со највисоките општествени признанија, рече Јованова-Грујовска, која во оваа пригода ги наведе сите позначјани научни трудови и наслови од богатата издавачка продукција на Институтот.
Патот на институцијата е трасиран, рече директорката, но има нови предизвици – поддршка од премиерот Ковачевски и од Владата побара за два следни проекта – Правописен речник и Корпус на македонскиот јазик. Укажа и дека имаат потреба од повисоки плати и повика: време е за зголемување на платите на Институтот за македонски јазик.
Ние сме во рагзовори со премиерот Ковачевски и министерот Шаќири за зголемување на платите. Пред пет години добивме зголемување по цели 13 години и се изедначивме со нашите колеги од УКИМ. Сега повторно се наоѓаме во незавидна ситуација. Со двете зголемувања во основното и средното образование, средношколските професори ќе земаат плати колку нашите вонредни професори или виши научни соработници, додаде Јованова-Грујовска.
На свечената академија за седум децении од Институтот за македонски јазик солистички настап имаше гитаристот Влатко Стефановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.