Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, се обрати на Младинската панел дискусија “Модалитети за унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка“, во рамките на Преспа форумот за дијалог, што се одржува во Струга, а на којшто присуствуваат претставници на високо политичко ниво од регионот и од Европската унија, САД и НАТО.
Костадиновска-Стојчевска рече дека правиме сè за да бидеме добри соседи на Балканот, пријатели со регионот и партнери во позитивните промени во светот. „И не е секогаш лесно и не е секогаш праведно. Но, ние не бараме изговори како најлесен начин за ништо да не правиме. Ние се одлучивме за конструктивен дијалог, за соработка и за прифаќање на реалноста. Направивме болни компромиси, компромиси достојни за почит, а не да бидат толкувани како наша слабост. И ние нашата држава ја изградивме со крв, со солзи и со пот. И ние ја плативме високата цена на победата и нашето место е во Европската унија“, додаде министерката за култура.
На панелот, Костадиновска-Стојчевска истакна дека како земја ги поддржуваме сите позитивни иницијативи за регионот и активно учествуваме во поврзувањето на регионот:„Во таа смисла високо ги цениме придобивките од Берлинскиот процес за интеграција на земјите од Западен Балкан. Нè радува високата поддршка на Иницијативата Отворен Балкан, особено кај младите, но нè загрижува порастот на евроскептицизмот. Сакам да потенцирам дека регионалната соработка е одлична работа, но не е и не смее да биде замена за членството во Европската унија.
Зашто, ако на нешто нè научија последниве години тоа е дека дистанцата е добра само во услови на светска пандемија од смртоносен вирус, но и дека соработката и солидарноста се клучот на човештвото. И така треба да остане“.
Министерката за култура се осврна на обединувачката моќ на уметноста, и рече дека секој оној кој ќе ја потцени таа моќ, живее во сопствената немоќ. Костадиновска-Стојчевска на панелот “Модалитети за унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка“ зборуваше за значењето и функцијата на македонските културно-информативни центри во странство, ја истакна соработката со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици со седиште во Солун, нашата вклученост во Културните рути на Советот на Европа, како и на останатите програми и иницијативи за културно вмрежување на регионот со Европската унија.
„Нашето културното наследство и нашиот културен потенцијал се уште една вредност во градењето на заедничкиот европски дом. А, најголемата вредност се нашите млади луѓе. Затоа, и во оваа прилика ќе повторам, дека на младите од овој регион не смее да им се подрива чувството дека се Европејци колку и Европејците. Ние ѝ требаме на Европската унија колку и таа нам. Особено во вакви времиња“, истакна Костадиновска-Стојчевска на Преспа форумот за дијалог во Струга.
На оваа сесија од Младинскиот панел со свои дискусии учествуваа претставници од младинските организации на повеќе евроспки земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.