Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на гостувањето во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24, појасни дека комисиите најпрофесионално и најодговорно ја разгледуваа секоја апликација при одлучувањето за Годишната програма.

– Категорично ги отфрлам оние квалификации со кои се обвинува за клиентeлизам, како и оценките дека Годишната програма за 2024 во културата е најлоша – рече Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека комисиите се составени од истакнати личности, секој во својата област, кои на највисоко ниво ја завршија својата работа.

– Секоја апликација е разгледана и оценета најпрофесионално. Јавното деградирање на комисиите е веројатно со цел никој повеќе да не се нафаќа да одлучува за Годишната програма, и оди во прилог на минатото време, кога беше објавуван само списокот на одобрени проекти, без никакви образложенија – истакна Костадиновска-Стојчевска, потенцирајќи дека од 2017 година имињата на комисиите и доделената сума за поддршка транспарентно и отчетно се соопштуваат.

Осврнувајќи се на поддршката на одредени фестивали дека не се доволно или, пак, премногу се поддржани, Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека поддршката произлегува од самата апликација и од понудената содржина.

– Еден од критириумите за поддршка е одреден настан или манифестација да има долгогодишна традиција. Ќе напомнам дека досегашниот носител на манифестацијата „Рацинови средби“, Општина Велес, за првпат по 60 години не аплицира, туку делегира овластување на ново Здружение на граѓани кое во своето портфолио нема искуство од организација на ваков тип настани − наведе министерката за култура за поддршката на „Рациновите средби“, истакнувајќи дека не е јасно зошто самите тие одлучиле да ја намалат традицијата и покрај критериумите на Министерството за поддршка на традиционалните вредности.

Костадиновска-Стојчевска нагласи дека традиционалната поддршка продолжува за многубројни значајни манифестации со повеќедецениска традиција, меѓу кои се и: „Струшки вечери на поезијата“, „Охридско лето“, „Илинденски денови“, театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, „Скомрахи“, „10 дена Крушевска Република“, „Смилевски конгрес“ и други.

За проектот за реконструкција на Универзалната сала, Костадиновска-Стојчевска нагласи дека е обезбедено тригодишно финанисирање, за  да не се дозволи каков било застој до конечното отворање на обновениот објект.

– Универзална сала е завршен процес. Презедовме сѐ од Град Скопје, заедно со тендерирана постапка за Прва фаза“, истакна министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека Министерството за култура рамномерно вложува во културата, а тоа го покажуваат и капиталните дотации кон локалните самоуправи, отфрлајќи дека постои фаворизирање одреден град или одредена културна сцена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.