Во рамки на 25. „Скопје филм фестивал“, вечерва во Кинотеката ќе бидат прикажани филмовите „Корсет“ и „Римини“.
Филмот „Корсет“ на режисерката Мари Кројц ја прикажува царицата Елизабета од Австрија (Сиси) која е на турнеја низ Европа и се обидува буквално и фигуративно да се ослободи од својот ограничувачки живот на кралскиот двор.
Сценаристката и режисерка Мари Кројц и нејзината женска екипа се придржуваат до историските записи за Сиси. Филмот избегнува величење херои, менувајќи го имиџот на „сентименталната Сиси“ како што е претставена во безброј филмови со жена која е многу повеќе од жртва на својот позлатен живот. Ова е студија за гневот, царицата на Кројцер има маани, нарцисоидна е и многу модерна и се прашува што ќе ѝ остане кога моќта поврзана со нејзината убавина ќе исчезне. Во конкуренцијата Un Certain Regard филмот ја освои наградата за најдобра изведба, а на Сараево филм фестивал наградата за најдобра женска улога – информираат од „Скопје филм фестивал“.
„Римини“ е дел од програмата „Авторски филм“ и е новата мрачна и комична драма, долгоочекуваното враќање кон играниот филм на познатиот режисер Улрих Сајдл. Филмот имаше премиера во главната програма на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин.
Во кафе киното „Котур“, со почеток од 19 часот, во рамки на програмата „Кинемода“ ќе се прикаже документарниот филм „Мартин Маргиела. Со свои зборови“, кој претставува портрет на славниот дизајнер кого модниот свет го смета за еден од најреволуционерните и највлијателни дизајнери во последните 30 години.
По проекцијата ќе се одржи и разговор на Кристина Глигоровска, модна теоретичарка и главна уредничка на модното списание „WeAr“ со гостинката Александра Оленска, модна стилистка и креативна консултантка за модни брендови „Tom Ford“, „Celine“, „Daks London“, „Pringle of Scotland“ и „Vanessa Bruno“.
„Скопје филм фестивал“ беше отворен во петокот со изложба на плакати од изминатите 25 години на фестивалот, чиишто автори беа истакнати македонски уметници, како Ване Костуранов (2013), Зоран Кардула (2020), Ѓорѓи Деспотов (2018), Таби Азири (2014, 2016), Мери Бакалова (2015), Бојан Кртолица (2012), Димитар Апостолов (2011), Јана Мишева (2009), Филип Кондовски (1999)…
Фестивалот ќе се одржува до 17 септември. Програмата со распоредот на проекциите е достапен на www.skopjefilmfestival.com.mk.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.