Концертот на Македонска филхармонија насловен како „Пијанизам хероизам“ ќе се одржи во четврток, 31 октомври, со почеток во 20 часот. Рускиот пијанист Петер Лаул ќе настапи како солист, а диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.
На програмата се Поема за симфониски оркестар „Древниот ѕид“ од Томислав Зографски, Концертот за пијано и оркестар број 2 во Еф-дур од Дмитри Шостакович и Симфонијата број 6 во Де-дур од Антонин Дворжак.
„Конрад ван Алфен е ‘инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат’, ќе напише критиката за холандскиот маестро, којшто е чест диригент со Филхармонија на РСМ, а пред една година беше и почесен гостин диригент со нашиот оркестар. Овој етаблиран холандски/јужноафрикански диригент се стекна со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите“, истакнуваат од Филхармонија за диригентот на концертот.
Додека пак, оттаму посочуваат дека пијанистот Петер Лаул е еден од најнаградуваните руски пијанисти, кој соработувал со диригенти како Шостакович, Гергиев, Касадесус… Меѓудругите, во 2003 му беше доделена и почесна награда „За достигнувања во културата“ од Министерството за култура на Руската Федерација. Неговите настапи се многубројни. Редовно соработува со оркестри како Филхармонијата на Санкт Петербург, Оркестарот на Маринискиот театар, Московскиот симфониски оркестар и други.
Петер Лаул посебно внимание посветува на камерната музика и во таа смисла, негови редовни партнери се уметници како Иља Гринголц, Максим Венгеров, Виктор Третјаков, Алена Баева, Сергеј Левитин, Давид Гримал, Марк Копеј… Зад себе има и многубројни снимки за врвни издавачки куќи, од кои се истакнуваат оние со делата на Скрјабин (2006), целосните трија и сонати за виолончело од Брамс (2007, 2008), целосните сонати и трија за виолина од Шуман (2010) и целосните дела за виолина од Стравински (2016). Од 2002 година предава пијано на Конзерваториумот во Санкт Петербург“, додаваат од Македонска Филхармонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.