Оркестарот на Македонска филхармонија овој четврток, со почеток во 20 часот ќе го изведе концертот насловен „Извор“ посветен на 60 години Музичка младина на Македонија. Диригент е Борјан Цанев, а како солисти ќе настапат младите инструменталисти Магдалена Дрмач – виолончело, Леонардо Димоски – виолина и Гоце Златев – пијано. На програмата се „Водич низ оркестарот за млади“ од Бенџамин Бритн, Симфониски варијации за виолончело и оркестар од Леон Боелман, Капричо-Етида во форма на валс од Сен Санс и „Рапсодија на тема од Паганини“ од Сергеј Рахмањинов.
Леонардо Димоски е роден 2004 година, во Битола. Музичкото образование го започнува на 6-годишна возраст во Прилеп, во ООМУ „Ордан Михајлоски Оцка“, во класата на проф. Оливера Гемту и ментор проф. Ванчо Стоилков. Oд јануари 2017 година работи под менторство на м-р проф. Сихана Бадивуку. Во 2023 започнува да студира во Виена со проф. Павел Верников и проф. Кристина Шуклар. Учесник и добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Учествувал на „Виолин фест“ – Скопје, во 2016, 2017, 2018, 2019 и 2023 год. Настапувал во Македонија, Австрија, Србија, Италија… Учесник е на Третата меѓународна конференција „Образование преку граници“ – Битола и на новогодишните хуманитарни концерти на Педагошкиот факултет во Битола. Посетувал семинар по виолина кај доц. м-р Михаило Куфојанакис, проф. Пол Рочек (Австрија), Теди Папаврами (Швајцарија), м-р Владимир Марковиќ (Србија), проф. Рони Шпигел (Швајцарија), проф. Кирил Трусов (Германија), проф. Дмитри Берлински (Русија), проф. Ана Морголетс (Русија), проф. Павел Верников (Украина), проф. Светлана Макарова (Русија).
Магдалена Дрмач е родена 2006 година. На осумгодишна возраст почнува да свири виолончело во Основното музичко училиште – ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје, во класата на професорката Александра Јаневска. Во периодот од 2015 до 2023 година учествува на многу натпревари каде што освојува многу први награди. Повеќето од нив се со меѓународен, државен и регионален карактер. Натпреварите се одржале во Република Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Русија и САД. Во 2021 година е лауреат на фестивалот „Отворена Европа“ во Москва. Истата година настапува со Македонската филхармонија, а во 2022 година повторно е избрана и настапува со Македонската филхармонија. Во 2022 година ѝ е доделена наградата за најдобар ученик на гудачкиот оддел во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Магдалена е лауреат на фестивалот „Полихимнија“ во 2023 година. Настапува и во Рим, Италија како дел од државната делегација во чест на празникот Св. Кирил и Методиј. Присуствува на многу мастерчасови со врвни професори како: Стефан Попов (Обединето Кралство); Гал Фаганел (Словенија); Вида Вујиќ (Австрија); Ерих Оскар Хутер (Австрија); Атанас Крастев (Бугарија); Милутин Младеновиќ (Србија); Александар Кузмановски (Словенија); Милитијадис Касарос (Грција). Била дел од Камерниот оркестар на МММ „Саша Николовски-Ѓумар“ и „Нонет +“, „Ајга“, како и од проектот „Musica un Ponte tra i Popoli“ во Форли, Италија, 2022 година. Магдалена е водечки челист во симфонискиот и камерниот училиштен оркестар.
Гоце Златев е роден 2006 година. Основното музичко образование го започнува во Штип на осумгодишна возраст во класата на проф. Гоце Костадинов, а од 2017 година учи во Скопје во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. д-р Славица Мицовска- Смилевска. Сега е ученик во четврта година – Инструментален отсек – пијано специјал. Во текот на своето музичко образование учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари и добитник е на многу награди, меѓу кои прво место во Словенија; награда „Најголем виртуоз“ во Бугарија; второ место на натпреварот „Шопен“ во Малезија и др. Настапувал со оркестарот „Видин Симфониета“, под диригентство на маестро Петер Димитров во Софија, Бугарија; во 2019 година настапува на два концерта во Париз, Франција; во 2021 и во 2022 година настапува со Македонска филхармонија, под диригентство на Сашо Татарчевски и Дијана Илковска-Имери. Во 2019 година на 13- годишна возраст го одржува првиот солистички рецитал во Скопје, по кој следат девет солистички рецитали од кои три во Скопје, Штип, Велес, Битола, Струмица, Гевгелија и рецитал во Рим. Во текот на школувањето, својата наобразба ја надоградува во соработка со еминентни професори: М. Ѓошевска, С. Трпчески, Ж. Захариева (Бугарија), С. Гаџиев (Словенија, Италија), Шантал Стилиани (Франција), Туту Ајдиноглу, Бертран Жиро (Франција) и други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.