Од денеска до 30 април ќе биде отворен конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ што го објави Министерството за култура. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава, но може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.

Со наградата се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност, за поттикнување и унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката меѓу народите, припадниците на различните заедници, култури и вери.

На награден поединец му се доделува диплома и паричен износ.

На секој член од наградена група творци или екипа му се доделува диплома и еднаков дел од паричниот износ. На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.

Паричниот износ на државната награда „Мајка Тереза“ изнесува пет просечни месечни плати во Македонија. Според пропозициите, во една година може да се доделат најмногу две награди. Иницијатива за доделување на државната награда може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.