Почнува петнаесетта сезона на „Креативен викенд” со конференцијата „Стратегии во уметноста”. На 15 мај во 19 часот, во „Котур”, ќе биде најавена петнаесеттата сезона на уметничката резиденција „Креативен викенд” во Лазарополе. Исто така, ќе бидат најавени и учесниците и програмата на првиот настан во оваа сезона, конференцијата насловена „Стратегии во уметноста”.
Целите на оваа конференција се да се види кој со што придонесува за уметничката сцена, да се укаже на слабостите и можните решенија, да се проговори за тоа што недостасува, и како би можела да се подобри инфраструктурата којашто им овозможува на уметниците подобар амбиент за нивното творење и поддршка на промоција на нивните дела во Македонија и надвор од неа.
Учесниците на оваа конференција творат комбинација на искуство и младост. Своите аргументи и идеи ќе ги споделат професорите и предавачите од Филолошки факултет, ФДУ, и ФЛУ, како и нивните студенти; издавачи со реноме како „Темплум”, но и нови како „Илика”, музичари со многу отсвирени концерти, како Филип Букуршлиев и Добрила и Дориан, но и талентираните „Алембик”, „Local Blue” и „Намуз” (Андреј Татарчевски и Кристијан Новковски). Друга битна карактеристика на содржината на програмата е присуството на независни и самоодржливи колективи, како што се „Партизанска штампа”, КСП Центар „Јадро” и „Кула”, од една, и претставници на институции и здруженија како ДЛУМ, Национална галерија, МСУ, Кинотека, Фото сојуз на Македонија, од друга страна. Покрај тоа, ќе стане збор и за новите простори како „Лабораториум”, „Аудиокултура” и други.
За своите искуства ќе нѐ информираат претставниците и учесниците на фестивалите „Стрип-трип”, „Графити фест”, Флип бук” и „Македокс”, фестивалот за фотографија „Зрно”, фестивалот Синестетика”, театарот „Сенки и облаци”, и колективите „Гола планина”, „Отров” и „Аксиома”. И покрај толку сеопфатна програма, сепак недостигаат танцот, дизајнот, модата… Следната година и овие области ќе бидат вклучени во дискусијата за создавање на подобри стратегии во уметноста.
Програмата ќе се одржува од 15 до 22 мај во „Котур”, „Илика”, СЦ „Дуња”, „Ла Кања”, „Монтажна галерија”, „Буква”, „Бруталиск” и „P INN” (Стара скопска чаршија). Првата и последната вечер ќе бидат зачинети со диџеј сесии на Балтик и Александар Ордев во „Котур” и Теа Шалдева и Андреа Салпе во „P INN”.
Пред 15 години ( 2010 -2024) во селото Лазарополе е основана неформалната уметничка резиденција ,,Креативен викенд” која ги отвори вратите за уметниците и стана пример за мултимедијална рурална уметничка резиденција. Главната идеја на оваа резиденција е да обезбеди комуникација помеѓу уметниците и да им овозможи да творат во природна и рурална средина со релаксирачки амбиент, со акцент на импровизација и експериментирање на уметничките форми.
,,Креативен викенд” е културно-уметничка платформа за комуникација и соработка помеѓу уметниците од македонската сцена и уметниците од странските уметнички сцени и се одржува во уметничката резиденција во село Лазарополе, во периодот од мај до октомври. „Креативен викенд” беше дом на познати уметници од Македонија, но и од Германија, Италија, Франција, Јапонија, Бразил, Шведска, Холандија, САД, Шпанија, Мексико, Австрија, Велика Британија, Полска, како и од земјите од регионот.
Програма за конференцијата „Стратегии во уметноста”:
Јоана Ристеска
Концерт на Алембик
Институции и здруженија: Ана Франговска (Национална галерија, АИКА), Јана Манева-Чуповска (ДЛУМ), Владимир Јанчевски (МСУ), Ѓорѓе Јовановиќ (Јадро), Миле Ничевски
Простори: Марко Ковачевски и Никола Наумоски (Бруталиск), Јана Павловска, Искра Илиеска, Калина Дуковска (Лабораториум), Дарко Јовчевски (Котур), Веселин Теохаров (Аудиокултура)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.