По спектакуларниот настап пред српската публика во легендарната сала „Коларац“ минатата сабота, концертниот спектакл „Фузија“ оваа среда (2 ноември) доаѓа во Скопје.
На големата сцена на Македонската филхармонија ќе настапат два врвни камерни оркестри – „Профундис“ од Македонија и „13 Гудачи“ од Србија, заедно со светски познатата виолинистка Ирина Мурезану, која за првпат ќе настапи во нашата земја.

Пресреќна сум што ја имам можноста да се запознаам со српската и македонската публика преку овие два спектакуларни концерти во Србија и Македонија. Навистина е голема честа кога се соработува со два врвни камерни оркестра и нивните диригенти и со нетрпение го очекувам настапот во Скопје оваа среда!“ – изјави кратко Мурезану.

Интересно за романската виолинистка Ирина Мурезану е што свири на виолина од 450.000 евра и е лауреат и добитничка на главната награда на натпреварите за виолина во Монтреал Интернационал, Вашингтон Интернационал, Про Музицис Интернационал и наградата „Кралица Елизабета 2“.
Организаторите најавуваат исклучително уникатна програма. Премиерно пред македонската публика ќе се изведат комплексните и виртуозни дела од Б. Бритн – „Варијации на тема од Френк Бриџ” и „Романска рапсодија” бр.1 од Ж. Енеску како и популарните „Четири годишни времиња” од А. Вивалди и А. Пјацола.

Можноста за уметникување и споделување на сцената со врвни уметници од САД и Србија, кои премиерно гостуваат и настапуваат во нашата земја, ни причинува огромно задоволство и предизвик. Верувам дека концертот ќе биде уникатен и оригинален настан кој со сигурност ќе ги задоволи вашите уметнички критериуми.“ – изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на камерниот оркестар „Профундис“.

Инаку, настанот ќе се одржи на 2 ноември (среда) во 20 часот, во големата сала на Македонската филхармонија. Влезниците, по цена од 500 денари, се продаваат преку продажната мрежа на МКТикетс и на билетарата на Македонската филхармонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.