На Фестивалот на музичките уметници на Македонија, „Златна лира“ во понеделник, 24 октомври, во Музеј на македонската борба, во 20 часот ќе се одржи концерт на Нинослав Димов – саксофон и Маја Поповиќ Караиванова – пијано.
На програмта се дела од Благој Цанев, Пјер Санкан, Роберт Шуман, Пиет Свертц и Астор Пјацола.
Нинослав Димов дипломира во класата на проф. Стојан Димов на Факултетот за музичка уметност во Скопје 2004 год., а магистрира 2006 год. По дипломирањето, продолжува со своите студии во Берлин, Германија на Universität der Kunste, во класата на проф. Детлеф Бенсман. Во 2006 год. успешно ги завршува додипломските студии по саксофон и продолжува со специјализација “Konzertexamen”. Добитник е на повеќе награди на републички и интернационални натпревари, и редовен учесник на престижни семинари по саксофон во Словенија, Хрватска, Грција, Франција, Германија.
Нинослав покрај многубројните рецитали, бележи и повеќе солистички настапи со Македонската филхармонија, Косовската Филхармонија, берлинскиот “Lietzeorchester”. Уште од почетокот на неговите студии тој е водач на Саксофон квартетот „Димов” со кој настапувал во Дубровник, Сараево, Белград, во рамки на фестивалите „Скопско Лето”, „Охридско Лето” и други. Во 2006 год. свири неколку концерти со светски реномираниот ансамбл Berliner Saxophon Quartett. Од 2007 год. тој е член и ко-основач на „Bensmann Saxophon Quartett”, со кој бележи повеќе настапи во Европа, САД и Кина. Од 2017, по долгогодишно лично ангажирање и како идеен творец, го организира веќе традиционалниот Меѓународен фестивал по кларинет и саксофон “SaxClar” во Скопје и е негов уметнички директор.
Во моментот Нинослав Димов е редовен професор по саксофон и камерна музика на ФМУ во Скопје, член на Биг Бенд оркестарот при МРТ, ЗЏМ Биг Бенд, Баги Биг Бенд и саксофонист по потреба на Филхармонија на Република Македонија.
Маја Поповиќ е родена во Скопје, каде и го завршува основното и средното музичко образование (класи на Снежана Чадиковска и Марија Писинова). Дипломира во 2003 год. со највисоки оцени на одделот за пијано на ФМУ во Скопје (класа на Евушка Елезовиќ), каде ги завршува и магистерските студии во 2011 година. Во текот на школувањето активно учествува на мастер класите кај реномирани пијанисти и педагози: Борис Романов, Јокут Михајловиќ, Арбо Валдма, Жени Захариева, М. Молова. Носител е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари по музика.
Како солист и камерен музичар настапувала и реализирала концерти во низ целата држава, во рамки на фестивалите и манифестациите „Скопско лето“, „Прилеп, град на културата“, „Прилепско лето“, „Гевгелиско лето“, и на меѓународната сцена во Ниш, Белград, Софија.
Денес работи како професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.
Влезот е слободен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.