Со силна порака за навремено детектирање и справување со меѓуврсничкото насилство кај децата, вчера (четврти мај) на главната бина на Саемот на книгата се одржа промоцијата на сликовницата и прирачникот „Која игра ја играш?“ од авторскиот тандем внука и баба: Олга Ѓоргиева и Олга Мурџева-Шкариќ. Книгите се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Промотори на книгите беа проф. д-р Ана Фрицханд (Институт за психологија на Филозофскиот факултет на УКИМ), д-р Весна Дамчевска-Илиевска (професорка по мир и развој на УКИМ, советник во Центарот за образование на возрасни, Скопје) и Даниел Смилков (студент при Институтот за психологија, претставник на Здружението на студентите по психологија – ПСИХЕСКО). Модераторката на настанот, уредничката Бисера Бендевска, истакна дека „Која игра ја играш: Силеџија – жртва – сеирџија или другар?“ е психолошки и бихевиорален прирачник што го третира насилништвото меѓу децата во училишната средина. Настанувањето на прирачникот е директно поврзано со сликовницата „Која игра ја играш?“ од младата авторка Олга Ѓоргиева и заедно, прирачникот и сликовницата, формираат неодвоива целина. Во него авторката прави преглед на неколку типови врсничко насилство и споделува ефикасни активности и постапки за спречување и справување со насилството во училиштата и во интеракцијата меѓу децата на училишна возраст. 

Овој прирачник е систематичен и напишан на разбирлив начин и може да им помогне на возрасните (пред сè, на наставниците, но и на родителите) да го применуваат заедно со децата за постигнување на ненасилна комуникација меѓу врсниците во училиштето.

Проф. д-р Олга Мурџева-Шкариќ, која е пензионирана универзитетска професорка по психологија на Филозофскиот факултет (ФЛФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, го напишала прирачникот инспирирана од сликовницата на својата внука Олга Ѓоргиева, во која преку приказна и цртежи го објаснува синџирот на булингот во училиштата и справувањето со него. 

Книгата настана како резултат на меѓугенерациска соработка. Без таква интеракција, меѓу различните возрасти, тешко може да се замисли промената на оваа „култура“ на насилство во култура на мир! Во оваа пригода би ја парафразирала мислата на Гоце Делчев (кој починал во 1903 година, токму на датумот кога се одржа промоцијата – четврти мај) – „ропството (насилството) може да го снема, само ако робот (жртвата) стане свесна и се побуни против него“. Всушност, тоа е начинот да се урива и насилството! Во книгата „Која игра ја играш?“ станува збор за игри што ги викаме – манипулативни, игри во умот, игри со кои малтретирачот (силеџијата) има цел да се истакне како најдобар, да ги контролира сите други… Ова се имплементира во секојдневна комуникација на локално, но и на глобално ниво – станува збор за истите манипулативни игри. Булингот не е присутен само кај учениците, тој е застапен во сите пори на општеството. Силеџијата има неколку сценарија – тој си замислува како да стане најзначајната, најцентралната личност на која ќе ѝ се покоруваат сите. За да биде така одбира жртва/и. Обично, тие се поинакви од него и не умеат да му се спротивстават на кој било план. Многу често мотивот е љубомора – зошто некој да биде подобар од него во некакви дострели? Прави стратегии и тактики како да биде во центарот на вниманието. Му треба публика (сеирџии). Е, тие се во најголем број. Сеирџијата може да му се придружи на силеџијата, но може да наведне глава и тој да биде жртва. А има и такви што се повлекуваат или, пак, воопшто не им е гајле. Замислете, ова се случува во училниците и во училишните дворови, каде што има наставници, психолози, педагози и други стручни служби. Таму доминира булингот. Покрај трите главни улоги во булингот: силеџии, жртви и сеирџии, за жал недостигаат проактивните – тие што ќе ги менуваат нештата, што ќе другаруваат и ќе реагираат. Со тоа ќе го прекинат тој синџир на насилство. И тоа ми беше мотив да го напишам овој прирачник. Да биде водич во активно реагирање и спречување на меѓуврсничкото насилство. Се обидував да биде колку што е можно пократок, а колку што е можно појасен за сите читатели. Овој прирачник е добар за наставниците, водич како да се справат со насилството во училиштата. Булингот е многу застапен, меѓу другото, и затоа што и возрасните и наставниците исто толку го живеат овој кошмар. Желба ми е да почнеме да менуваме, да направиме конкретни чекори да се надмине оваа култура на насилство и да ги научиме младите на култура на мирот – рече Мурџева-Шкариќ. 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.