Македонската премиера на креативниот документарен филм „Тело“ (Body) на режисерката и сценарист Петра Селишкар на 21 август во Куршумли-ан беше дочекана со видна возбуда. Факт што зборува во тој прилог беше присуството на главната протагонистка Уршка и голем дел од филмската екипа заедно со пријатели и соработници од повеќе држави.

Светската премиера на „Тело“ се одржа на 14 август на филмскиот фестивал во Сараево и импресиите сѐ уште се свежи и беа дополнети со нови емоции во магичниот амбиент на Куршумли-ан во Скопје.

Главната протагонистка во филмот, Уршка Ристиќ, некогашна манекенка од Словенија, денес пијанистка, која се бори со ретки автоимуни болести, веќе неколку денови со своето семејство престојува во Скопје, а по проекцијата на филмот пред публиката на „Македокс“ беша кратка, јасна и прецизна.

Првпат кога го гледав филмот имав чувство како да сум во шок-состојба, вториот пат на премиерата во Сараево го слушав само мојот глас, додека на проекцијата на филмот на „Македокс“ едноставно уживав – рече Уршка.

Режисерката и сценаристка Петра Селишкар ја искористи можноста пред македонската публика да им заблагодари на сите учесници во процесот на снимањето, монтажата и постпродукцијата на филмот коишто со својот ангажман втиснаа дел од своите тела во „Тело“.

Екипата на „Тело“ Фото: Македокс

Филмот „Тело“ е копродукција помеѓу Словенија, Хрватска и Македонија со поддршка од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Агенција за филм на Република Македонија, „Еуримаж“, Програмата Медиа на „Креативна Европа“, Pегионот Прованса-Алпи-Азурен Брег. Светски дистрибутер на филмот е „Лајтдокс“ (Lightdox).

Истата вечер на „Македокс“ се одржа проекција и на документарниот филм „Спроти ветрот“ на индиската режисерка Сарвник Каур. Во реализацијата на филмот учествуваше и македонска екипа претставена од монтажерите Атанас Георгиев и Благоја Неделковски, додека композитор на музиката е Игор Василев Новоградска. Приказната во филмот ги прикажува спротивностите помеѓу традиционалниот и модерниот начин на ловење риба во Индија и низ конфликтот на двајца рибари се прикажува современото индиско општество. На проекцијата на филмот беа присутни монтажерот Благоја Неделковски и композиторот Игор Василев Новоградска.

Монтажерот на „Спроти ветрот“ Благоја Неделковски и композиторот Игор Василев Новоградска фото: Македокс

Од програмата за 22 август каде што има учество на македонски автори го издвојуваме краткиот филм „Починка“ (Германија, Македонија / 2022 / 30’) на Анабела Ангеловска. Филмот зборува за илјадници млади луѓе од Македонија кои беа регрутирани да работат во кујните и пералниците на американските воени бази во Авганистан и Ирак. Многумина од нив се вратија дома со повлекувањето на последните војници од Авганистан во 2021, а со себе понесоа не само бргу заработени пари кои ги вложија во недвижнини, туку и белези од трауматичните спомени.

Годинава фестивалот „МакеДокс“ е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Амбасадата на Кралството Шпанија, Францускиот институт, Грчкиот културен центар, Данскиот филмски центар, МЕДИА деск МК, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Факултетот за ликовни уметности, Националната галерија на РСМ, такси „Глобал“.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.