Кинотека на Република Македонија оваа година е дел од проектот „ФилмЕД“ (FilmED) кој има за цел да развива и имплементира тренинг програми за наставници и едукатори кои ќе стекнат знаење и пракса за спроведување на филмска едукација во наставни цели.

Координатор на проектот „ФилмЕД“ е Гете-институтот во Прага, Чешка, а партнери во реализацијата на пректот, покрај Кинотека на Р. Македонија и Гете- институтот во Скопје, се и Центарот за филмска култура „Анджеј Вајда“ од Полска (Andrzej Wajda Centre for Film Culture), непрофитна организација за неформалното филмско и аудиовизуелно образование „Крутон“ од Чешка (Krutónz), Националниот филмски институт – Филмски архив на Унгарија ( National Film Institute –Film Archive HU), како и Кино Усмев од Словачка (Kino Úsmev/ Cinefil). Сите партнери во проектот се од земји во централно-источниот и југоисточниот дел на Европа, регион кој се соочува со заеднички предизвици и во кој филмско образование во моментов има релативно мала застапеност.

Проектот „ФилмЕД“ ги таргетира малите и средните културни и образовни организации кои работат со аудиовизуелни добра, и има за цел да помогне во зголемувањето на нивните капацитети, да ги поддржи во споделување на својата аудиовизуелна експертиза со едукатори и наставници, и на крај да им овозможи да развијат и понудат сопствена обука за ширење на филмската култура. Најголемиот предизвик во остварувањето на овие цели е отсуството на знаења и насоки, како и недостигот од практична обука на едукаторите и наставниците кои би можеле да го вметнат филмско образование во своите образовни програми.

Со воведување на филмската едукација и конкретни филмските практики, проектот „ФилмЕД“ ќе овозможи да се развие нова и пред сѐ млада публика која преку промоцијата на европскиот филм ќе има можност да се запознае со европското филмско наследство.

„ФилмЕД“ (FilmED) веќе започна со работа и на првиот партнерски состанок кој се одржа на 27 и 28 февруари во Гете-инстутот во Прага беше утврдена методлогијата на рабоетење, и беше презентирана филмската работилницата FILMAY која од септември до крајот на годинава треба да се реализира во во Кинотеката на РС Македонија. Оваа работилница – филмска училница е наменета за млади луѓе и ќе понуди едукација од областа на филмското и аудио-визуелното наследство по што учесниците ќе се стекнат основни познавања на филмската уметност и филмските практики за да можат кративно да се изразат, да пренесат идеи и информации на аудио-визуелен начин, користејќи визуелни изразни средства. Под менторство на филмски професионалци младите учесници ќе снимаат и свои кратки филмови на различни теми, кои ќе бидат прикажани пред пошироката јавност на премиерна проекција на крајот на овој проект во киносалата на Кинотеката. Оваа работилница е само почетна фаза од реализација на „ФилмЕД“, во чии рамки ќе бидат одржани повеќе обуки и работилници во земјите на партнерите-учеснички во проектот.

Проектот е финансиски поддржан од Извршната агенцијата за образование и култура (EACEA) со седиште во Брисел, која управува со дел од програмите на Европската Комисија за финансирање на проекти и иницијативи во образованието, културата, медиумите, спортот, младите, граѓанството и хуманитарната помош.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.