Во рамките на „Кино утро“ кое традиционално се реализира во текот на зимскиот распуст, денеска на програмата се филмовите:

12 ЈАНУАРИ (ЧЕТВРТОК)

13:00 ч.: ЛИЛ, ЛИЛ, КРОКОДИЛ (Lyle, Lyle, Crocodile)

19:00 ч.: КОШМАР ПРЕД БОЖИЌ (The Nightmare Before Christmas)

ЛИЛ, ЛИЛ, КРОКОДИЛ

(Lyle, Lyle, Crocodile)

Игран филм

2022 г., 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Џош Гордон, Вил Спек (Josh Gordon, Will Speck)

Сценарио: Вил Дејвис, според романите на Бернард Вабер (Will Davies, Bernard Waber)

Улоги: Хавиер Бардем, Винслоу Фегли, Констанс Ву, Шон Мендез (Javier Bardem, Winslow Fegley, Constance Wu, Shawn Mendes)

 

Крокодилот Лил живее во куќа во Њујорк, во близина на Централ парк, удобно сместен на таванот кај семејството Прим. Помага во извршувањето на секојдневните обврски и си игра со децата од соседството, многу е забавен, мил и добронамерен, а и одлично пее. Меѓутоа, еден од соседите упорно тврди дека местото на Лил не е во куќа каде што живеат луѓе, туку – во зоолошка градина. Господин Грампс и неговата мачка Лорета не сакаат крокодили, а Лил се обидува да докаже дека не е толку лош и опасен колку што на прв поглед изгледа, односно како што другите, кои не го познаваат, очекуваат од него.

Гласот на анимираниот крокодил Лик во играниот филм го позајмува младата канадска музичка ѕвезда Шон Мендес кој ги изведува и сите нумери во филмот.

 

Возрасна категорија: 7 години

Влезница: 150 денари

 

 

 

КОШМАР ПРЕД БОЖИЌ

(The Nightmare Before Christmas)

Анимиран филм

1993 г., 76 мин., колор, ДЦП

Режија: Хенри Селик (Henry Selick)

Сценарио: Тим Бартон, Мајл Мекдауел, Каролин Томпсон (Tim Burton, Michael McDowell, Caroline Thompson)

Улоги: Дани Елфман, Крис Сарандон, Кетрин О’Хара (Danny Elfman, Chris Sarandon, Catherine O’Hara)

 

Во Градот на Ноќта на вештерките живеат сите измислени страшила од приказните — врколаци, вампири, вештерки, зомбиња и други. На страшилото со глава на тиква, Џек Скелингтон, му е дојдено преку глава од постојаните прослави на Ноќта на вештерките, која секоја година, на ист начин, ја организира градоначалникот. Сакајќи нешто да промени, тој добива необична идеја, откако случајно ќе појде во Градот на Божиќ (Christmas Town), каде ќе ги види Дедо Мраз, подароците, песните и сè што таму се случува. Затоа, непосредно пред Божиќ, тој го грабнува Дедо Мраз и ја презема неговата улога. Единствено девојката Сали, која е вљубена во Џек, се обидува да го разубеди, бидејќи претчувствува дека ќе се случат лоши работи.

Креативното и идејно чедо на Тим Бартон – КОШМАР ПРЕД БОЖИЌ – покрај тоа што беше блокбастер во времето кога се појави, стана и култен филм за цела генерација филмофили. Бартон ги обмислил ликовите и приказната уште кога работел како аниматор за Дизни, но компанијата не сакала да реализира таков проект. Пред сè заради контроверзниот пристап на Бартон во третманот на темата (хорор комедија за Божиќ), заради принципите на студиото Дизни  чии анимирани филмови дотогаш се реализирале со класична анимација, а не со стоп-анимација (како што бил замислен проектот), а и отсуството на очи кај главниот лик, што се сметало за хендикеп во смисол на губење на едно од битните изразни средства на главниот анимиран лик.

Кога на почетокот на 1990-ите раководството на Дизни одлучува да ризикува и да финансира филмски проект од овој вид, Бартон веќе не им бил на располагање бидејќи работел на други проекти (ВРАЌАЊЕТО НА БЕТМЕН), па за режисер бил ангажиран Хенри Селик. Но бидејќи целиот концепт, приказната, ликовите, процесот на анимација го носат печатот на Бартон, неговото име се појавува на најавната шпица и целосниот наслов на филмот е “Tim Burton’s Nightmare Before Christmas”.

 

 

Возрасна категорија: 10 години

Влезница: 100 денари

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.