Со портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ за германската поетеса Катрин Пиц, „Браќа Миладиновци“ за македонската поетеса и книжевен теоретичар Катица Ќулавкова и „Млада Струга“ за Филипа Сара Попова продолжи програмата на 63. издание на „Струшките вечери на поезијата“.

Добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, за најдобра поетска книга помеѓу две фестивалски изданија, академик Катица Ќулавкова, истакна дека книгата „Небото ми е дома“ е пишувана подолго време, но е свесно устроена како целина последниве три години.

Пред 35 години, август 1989-та, ми беше доделена првата награда за најдобра поетска книга на годината, напишана на македонски јазик, „Браќа Миладиновци“. Тоа беше мојата книга „Жедби“, со поднаслов „Престапни песни“. Во неа, во шест циклуси, опеав неколку облици копнеж, ерос или жедба: небото, стварноста, смртта, мечтата, речта и гревот. Таа година ми се роди синот Васил. Оваа 2024 година, по втор пат ја добив наградата „Браќа Миладиновци“, сега за книгата „Небото ми е дома“. Првиот циклус од книгата „Жедби“, посветен на небесните работи, прерасна во книга. Оваа година добив внук од син ми, Марин.
Има некоја нежна лична симболика во исцртувањето на овој творечки круг. Ако не друго, таа покажува дека творештвото има видлива и невидлива логика на синхроницитет со животот и биографијата на авторот. И дека радоста не доаѓа сама. И дека може да ја засени тагата – рече академик Катица Ќулавкова.

За добитничката на наградата „Мостови на Струга“ за 2024 година, за најдобра дебитантска поетска збирка, за германската поетеса Катрин Пиц, говореше професорот Владимир Мартиновски, кој истакна дека лириката на Пиц е суштински поврзана со поетското преиспитување на настаните од секојдневјето, на деновите во кои се случило нешто вредно за паметење.

Во импресивнта поетска листа на 20 добитници на престижната меѓународна награда „Мостови на Струга”, која од пред точно две децении (т.е. од 2004 година), СВП и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра поетска збирка од поет-дебитант од светот по пат на меѓународен конкурс, годинава се придружува германската поетеса и преведувачка Катрин Пиц за нејзината поетска книга „Вакви денови имало отсекогаш“. Би можело да се каже дека наградата „Мостови на Струга”, меѓу другото, е и еден вид меѓународна потврда на признанието „Леонсе унд Лена Преис“ што Катрин Пиц во 2021 година го има добиено и во германската книжевна средина – потенцираше Мартиновски.

За добитничката, пак, за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант, „Млада Струга“, која ја доби Филипа Сара Попова, говореше македонската поетеса Виолета Танчева – Златева, која истакна дека Попова смело ги кажува работите со нивните вистински имиња и дека отворено и искрено, без затскривање зад метафори и алузии, таа е сеизмограф на своето време.

– Дебитантската поетска книга „Скршен терариум“ е силна потврда на ставот на Тарковски за поезијата. Филипа Сара Попова потпивнува од својот немир додека ги брои вдишувањата на самракот, ни се насмевнува од зад слоговите, ја буди заспаната совест со избрани зборови, поставува прашања во стиховите и меѓу редовите, ни ја глочка свеста како зрнца песок заглавени на дното на самотијата. Во неа има „жед за песна“, во нејзиното поетско битие клокотат зборови, се раѓаат здивови и извици што сакаат да го поплават и потоа одново да го изградат овој наш стар и уморен свет – истакна Танчева-Златева.

Вечерта заврши со настанот „Ноќ без интерпункција“, на кој покрај поетските читања, се одржи и поетско музички перформанс на Дино Имери и Тина Иванова, наречен „Дом“. Имери настапи со дела на Бах, Бетовен и Шопен, но и неколку негови композиции, а Иванова со нејзини текстови и со беседа од Џакомо Леопарди. Гостин на перформансот беше италијанскиот поет и писател, Клаудио Поцани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.