Со концерт на фестивалот „Охридско лето“, Музичката младина на Македонија(МММ) вчеравечер уште еднаш го оправда своето шестдецениско постоење на македонската музичка сцена, донесувајќи извонредни уметници и програма како што тоа го правеше и на претходните фестивалски изданија.

Во црквата „Света Софија“ настапи Камерниот оркестар на МММ „Саша Николовски-Ѓумар“ под диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ. Солист на вечерта беше сопранот Марија Ташевска. На репертоарот беа дела од. Моцарт, Росини, Хендл, Џордани, Чајковски, Перголези, Шуберт, Шнитке и Пјацола.

Вчерашниот концерт беше посветен на  Снежана Анастасова Чадиковска, истакната пијанистка, пијано педагог, музички публицист, аниматор и организатор која дел од својот живот го има вградено токму во Музичката младина на Македонија.

Снежана Анастасова-Чадиковска е долгогодишен соработник на Музичката младина на Македонија и нејзин претседател, моја многу драга пријателка и соработничка. Поголемиот дел од  мојата работа во МММ е врзан за соработкатасо Снежана. Годинава МММ прославува 60 години од постоењето, и овој концерт е дел од таа прослава, и секако, е поврзан со нејзината книга „Боите на мојата музика“ што беше промовирана пред нашиот концерт на „Охридско лето“ во која поголем дел од текстовите и сликите се посветени токму на соработката и нејзината работата во МММ. И заради 60-те години од постоењето на Музичката младина на Македонија и заради тоа што Снежана Анастасова –Чадиковска има оставено длабоки траги  во програмите МММ, одлучивме врз база на статутот на Светската федерација на музичка младина чии членови сме  и ние, но и согласно нашиот статут, да ѝ ја доделиме титулата Почесен претстедател на Музичката младина на Македонија со која уште еднаш сакавме да ѝ оддадеме признание за нејзината целокупна работа во Музичката младина, рече Александар Герасимовски-Геро, претседател на Музичката младина на Македонија.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 37 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.