Традиционално со палење на фестивалскиот оган, синоќа во Македонската опера и балет беше отворено 50-то јубилејно издание на Мајските оперски вечери, а оваа година фестивалскиот оган го запали нашата оперска примадона, Милка Ефтимова.

Јубилејното издание на Меѓународниот фестивал на оперска уметност беше отворено со операта „Норма“ од Винченцо Белини, која ќе биде репризирана на 11 мај, а на програмата се и оперите „Лучија од Ламермур“, балетот „Жизел“, „Турандот“ од Пучини, и во оф-програмата балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“.

По две тешки пандемични години, кои нѐ лишија од нашите нормални животи, вечерва се подигна завесата на 50 издание на меѓународните Мајски оперски вечери. Јубилеј за почит.

Вечерва празнуваме уште еден јубилеј – 75 години од основањето на Македонската опера, која токму на овој ден пред 7 и пол децении ја изведе првата опера во главниот град на слободна Народна Република Македонија.

Не случајно Денот на победата, Денот на Европа го чествуваме и со еден ваков редок музички настан како што се Мајските оперски вечери. Зашто операта е неповторлива, незаменлива и со векови е на пиедесталот, рече меѓу другото министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Традиционално музичко-сценската манифестација ќе биде заокружена на 31 мај со изведба на операта „Аида“ на Џузепе Верди.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.