Македонскиот јазик е наше национално идентитетско обележје што системски ќе го негуваме, заштитуваме, унапредуваме и афирмираме. Министерството за образование и наука ќе финансира научни проекти и особено внимание ќе обрне на учењето на македонскиот јазик како заеднички јазик на разбирање во земјата. Многу доцниме, но врвен приоритет е да го подигнеме нивото на говорна и писмена јазична култура на македонски јазик.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска во обраќањето на манифестацијата Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, додавајќи дека учителите по македонски јазик на сите образовни нивоа знаат колку е тоа важно и максимално ќе се вложат во заедничката цел – поголема грижа за македонскиот јазик.
Рече дека образованието обезбедува јазикот да остане жив, да биде дел од нашето секојдневие, да го збогатува нашето културно ткиво и да го јакне нашиот национален идентитет, а науката истражувајќи го јазикот, ја документира неговата еволуција, развива ресурси за негово унапредување, ги ревитализира и ги промовира културните практики и традиции поврзани со него.
Ќе продолжиме со активните политики за стипендирање на студенти на програмите по македонски јазик и книжевност, работиме на проширување на можностите за финансирање на научната работа и отворени сме за соработка со сите релевантни чинители за унапредување на образовно-научните можности поврзани со македонскиот јазик“, укажа министерката за образование и наука.
Како дел од мерките на државно ниво насочени кон негување на македонскиот јазик, министерката Јаневска гo наведе јакнењето на преведувачките и толкувачките капацитети за македонски јазик и зголемувањето на бројот на лекторати по македонски јазик во странство.
Лекторатите по македонски јазик се мали културни центри во светските метрополи но огромни по своето значење за афирмацијата на државата, македонскиот народ и нашата вековна култура. Тие се убава можност за отворање на Македонија кон светот, со својата древна духовност и сета големина градена низ вековите“, рече Јаневска.
Институтот за македонски јазик го носи името на првиот кодификатор на македонскиот јазик – Крсте Мисирков и во осмата деценија од работењето е врвна научна институција која го проучува македонскиот јазик, работи на фундаментални проекти од сите јазични сфери и е етаблиран славистички центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.