Во пресрет на јубилејот, 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Монголија и Република Македонија, љубителите на уметноста и убавиот збор, денеска (22 август), пред свеченото отворањето на 63. Струшки вечери на поезијата, кои ќе траат до 26 август, ќе имаат можност во Струга да ја проследат и самостојната изложба на ликовниот уметник и поет, Леетив Намдагжанчивин

„Вечната моќ на синиот Тенгер“ (Eternal power of blue Тenger) е насловена самостојната изложба на Леетив Намдагжанчивин, архитект, ликовен уметник, поет преведувач и почесен генерален конзул на Монголија во Република Македонија, која ќе биде отворена вечерва во уметничката галерија “Piano Hall” во хотелот „Дрим“ во Струга (17:30 ч.), пред свеченото отворање на 63. издание на Струшките вечери на поезијата.

Пред јавноста ќе бидат изложени 26 дела, изработени претежно со акрилна боја на платно, и дела изработени во чисто калиграфско писмо со туш на специјална хартија наменета за таков тип на сликање. Повеќето од изложените дела се изработени во последните пет години додека калиграфските слики на монголското вертикално писмо според авторот се изработени пред повеќе десетици години.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.