Изложбата која беше дел од „Литера“, меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца, се пресели во Рамстор мол во Центар.
Посетителите на Рамстор мол ќе можат да ги видат илустрациите од реномираните турски автори: Гизем Ѓозде Учар, Серхат Албамја и Мурат Калкаван, како и од домашната минатогодишна наградена илустраторка Наташа Андонова. Изложбата ќе биде отворена во Рамстор мол до средината на јуни.
Овој потег ќе им овозможи на многу повеќе посетители да уживаат во прекрасните илустрации и да се запознаат со работата на овие извонредни уметници. Преселувањето на изложбата во Рамстор мол ќе ја приближи уметноста до јавноста овозможувајќи им на сите љубители на уметноста, но и на оние кои случајно ќе се најдат во молот, да се инспирираат и да уживаат во оваа уникатна поставка. Оваа изложба е ретка можност да се видат дела од странски и домашни автори на едно место, при што посетителите ќе можат да ги почувствуваат различните стилови и пристапи во илустрацијата.
„Литера“ е меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца кој се одржува во Скопје. Секоја година тој го претставува најдоброто од книжевноста и уметноста за деца, создавајќи простор за оригинален концепциски израз.
Шестото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ се одржа од 15 до 18 мај, во Младински културен центар во Скопје. Со претставување на работата на тројца извонредни илустратори и една авторка на книги за деца од Турција, оваа земја беше во фокусот на 6. фестивалско издание. Во рамките на „Литера“ беше организиран и Саем на литература за деца, на кој повеќе македонски издавачи ги претставија своите најнови изданија, а организираа и средби со автори и промотивни настани.
Меѓународниот фестивал „Литера“ се гордее со портфолиото од успешни изложби што ги организира, привлекувајќи голем број посетители и влијателни гости од целиот свет. Од македонски доајени во илустрацијата, каква што беше изложбата на Димитар Кондовски, до многубројните странски илустратори што го посетиле Фестивалот, Младен Туниќ, Доминик Вуковиќ и многу други, „Литера“ продолжува да ги поддржува и да ги промовира квалитетната литература и илустрацијата за деца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.