Во соработка со НУ Завод и музеј Струмица во фоајето на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница, денес, со почеток во 13:00 часот ќе биде отворена изложбата на 24 икони ( фотографии) од истакнатиот македонски иконописец и зограф Григориј Пецанов од Струмица.

Во неговото богато творештво од времето на Македонската преродба во XIX век се вбројуваат серија икони од иконостасот на црквата „Свети Димитар“ во с. Драчевица и во црквата Света Троица во с. Дабиле. Ја живописува и црквата „Свети Димитар“ во с. Градец, фреските на таванот во храмот во с. Дабиле, го слика „Св. Ѓорѓи“ во црквата Успение Богородично во с. Смојмирово, иконата Успение на Пресвета Богородица во Беровскиот манастир Св. Архангел Михаил, престолните икони во цркавата Св. Архангел Михаил во Драмче и др. Со други автори работи во многу други цркви во регионот: во Делчево, Разловци, Стар Истевник, Смоларе и Струмица.

 

После 1878 година Григориј Зограф се населува и твори во Бугарија каде работи на фрескопис во берковската црква Свети Никола. Во црквата Воскреснување Христово во софиското село Челопечене на иконата Света Богородица има потпис дека е изработена од рацете на Григориј иконописец македонец од Струмица во март 1897 година.

Автор на изложбата е Магдалена Василева, историчар на уметност од стумичкиот музеј.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.