В понеделник, 5 февруари, во галеријата на Младинскиот културен центар, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Над бескрајот на стените“ на Зоран Лазаревски (1949 г.), кој дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1975 година, во класата на Марко Крсмановиќ, отсек ликовна графика.

Член е на ДЛУМ од 1976 година. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои наградата „графика на Белградскиот круг“ 1976 година, признание на „Ликовни средби“ во Суботица истата година, откупна награда на Музејот на современата уметност, „Млада генерација 77“, „ДЛУМ-цртеж“ во 1992 година. Учесник е на првите изложби на Зимскиот салон на ДЛУМ и претставник на редакцијата „Нова Македонија“ за доделување на наградата на весникот на сите графички триенала во Битола.

Од 1975 до 2013 година е ликовен уредник на весникот Нова Македонија и добитник е на специјална награда по повод 60 години на весникот Нова Македонија за дизајн опрема на весници, книги, монографии, плакати, брошури и секаков вид на дизајн.

 

Креативната моќ на природата е таква: бесмртна – бесконечна, непредвидлива, недостижна, неповторлива. Во неа (по)долго време тоне и Зоран Лазаревски; ќе бидете сосема во право ако забележите дека е целосно обземен, дека жедно ја пие нејзината утринска роса, дека до изнемоштеност талка по нејзините испреплетени патеки… Овие цртежи, овие слики што веќе ве обземаат, се отворен дијалог меѓу него – вешт, тивок, задлабочен уметник и уметникот што којзнае од кога, којзнае како, којзнае со каква цел ги создавал, ги оформувал, ги осмислувал, им давал смисла, ги испратил до него – да ги види, да ги открие линиите, шарите, небаре зборови можеби не за најголемите тајни, но секако за најголем вознес, за возбуда што Зоран Лазаревски толку даровито ни ја пренесува на сите – вели писателот Глигор Стојковски за неговите дела.

Изложбата ќе биде отворена до 21 февруари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.