„Енергија на светлината“ е нова изложба на уметникот Благојче Наумоски-Бане од циклусот „Урбани трансформации“ која ќе се отвори на 20 ноември (среда) во 20:00 часот во Уметничката галерија на НУ Музеј Куманово.

„Најновиот творечки циклус на ликовниот уметник Благојче Наумоски – Бане, со наслов „Урбани трансформации“ е продолжување на неговото трагање по визуелните сензации во урбаните простори, кои го опседнуваат авторот со своите динамични композиции, геометризмот и игрите помеѓу материјалноста и апстрактното“, пишува Гордана Вренцовска за изложбата.

Овој проект се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот. Тој со своите моќни, монолитни и често минималистички форми, нуди богат визуелен јазик за интерпретација, преку кој со своите необработени конкретни форми, неукрасена функционалност и импозантно присуство, долго време ја плени мојата имагинација, изјавува Наумовски.

„За разлика од претходниот проект ‘Пукнатини/трансформации’ каде беа применети дигиталните техники, во овој циклус авторот целосно се потпира на сликањето со акрилни бои на платно, со што ја нагласува човечката компонента и емоцијата што сака да преовладее во отсликувањето на овие навидум сурови архитектонски структури. Може да се каже дека во оваа серија на платна, од кои повеќето со мали димензии, Наумоски ја доживеал својата сликарска зрелост, нудејќи возбудливи и вибрантни колорни комбинации, неочекувани композициски решенија и смели форми. Но и овде, геометриската апстракција и претопувањето на наративните елементи во текстури, светлосни снопови и сенки (што го потенцира и во воведниот наслов ‘Енергија на светлината’), нѐ враќа до намерата на авторот да ни понуди чист визуелен концепт, во кој тој успеал чудесно да ги поврзе сите видливи со невидливите (емотивните) состојки“, истакнува Вренцовска за изложбата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.