Галеријата „Метаноја“ во соработка со Балканскиот институт за вера и култура денес ќе ја отвори изложбата „Возвишување“ во кураторство на Климе Коробар, во петок 15 април 2022 година од 12:00 часот на ул. Максим Горки бр. 19 во Скопје. Изложбата ќе трае до 15 мај 2022.

15-ти април e Светски ден на уметноста, но и ден роденден на Леонардо да Винчи, чиј дух и дело преставуваат светско културно наследство. Оваа изложба, … во која се застапени уметници од повеќе земји, има за цел да ги потенцира врските кои нѐ обединуваат и придонесуваат во градењето на една единствена, но и сепак поинаква христијанска култура, вели кураторот Коробар.

Вклучуваме и дел од рецензијата на д-р Коста Милков.

Групната изложба претставува дваесет дела изработени во разни техники исклучиво на хартија инспирирани од ликот на Исус Христос … Авторите се добро запознаени со деталите на животот и на учењето на аргументирано највлијателната личност во историјата на светот. … Изложбата „Возвишување“ е вистинско чевствување на светскиот ден на уметноста. Уметничкиот дух не знае за граници и за поделби. Приказната која е наменета да биде заедничка за целиот свет е мотивот кој обединува низ призмата на различноста на генијот на секој поединечен уметник. Потврда дека уметноста е насушна потреба за опстанокот на човечката цивилизација.

Автори на делата се: Денис Тенев, Доне Милјановски, Роман Кисјов – Бугарија, Симон Шемов, Владимир Георгиевски, Павле Кузмановски, Вели Блакчори – Косово, Атанас Атанасов – Бугарија, Бернхард Холеман – Австрија, Глигор Чемерски, Евгенија Демниевска, Илија Кочовски.

На изложбата ќе се обрати кураторот Коробар, рецензентот Милков, како и директорот на КОВЗРГ Даријан Сотировски

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.