Во рамки на програмата на седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, утревевечер (четврток, 30 јуни) во КСП Центар – Јадро, во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Сенките на занаетите : инсталација на светлина-сенка-звук“ од турскиот уметник Билал Јилмаз, кураторка на проектот е Лидија Хаѕиоану од Грција.
Во рамки на програмата на седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, утревевечер (четврток, 30 јуни) во КСП Центар – Јадро, во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Сенките на занаетите : инсталација на светлина-сенка-звук“ од турскиот уметник Билал Јилмаз, кураторка на проектот е Лидија Хаѕиоану од Грција.
„Сенки на занаетите – Скопје“ е резултат на партиципативно истражување за занаетчиската култура во Скопје, реализирано за време на едномесечениот престој на уметникот Билал Јулмаз и кураторката Лидија Хаѕиоану во рамките на КРИК – фестивал за критичка култура, заедно со учество на локални креативци. Во контекст на нивниот проект Creative – Craft Platform (Креативна платформа за занаети), Билал Јилмаз и Лидија Хаѕиоану имаат цел да воспостават мрежи и заедници на занаети и креативци во контекст на предизвиците кои ги носи со себе постиндустриското општество. Проектот нуди алатки за воспоставување колективна архива на занаетчиската култура и активирање на креативците да размислуваат за потенцијалот на занаетчиството, притоа документирајќи и разбирајќи ги аспектите на трансформацијата на занаетчиството во современиот контекст.
Скопје е првиот град кој е мапиран надвор од Турција, по Истанбул и Ајвалик. Партиципативното истражување реализирано во изминатите неколку недели е претставено на интерактивна дигитална мапа. Тоа е првиот чекор кон формирање на локална заедница на креативци и занаети, која ќе стане дел од динамична меѓународна мрежа на мапирани градови. Инсталацијата го визуелизира процесот на мапирање и истражување, преку предмети и звуци кои го претставуваат занаетчискиот пејзаж на градот.
Креативни истражувачи: Билјана Клекачковска, Милена Сливоска, Ники Танурева, Христина Крстеска, Мелита Ивановска, Маја Стојковска, Ненад Трповски, Јана Коцевска, Марија Милошевска
Оригинален звучен пејзаж: Рубар Диндар
Фотографија: Ненад Трповски
Билал Јилмаз и Лидија Хаѕиоану работат заедно од 2018 година, како резултат на заедничкиот интерес и погледот на уметноста како алатка за општествени промени и за истражување на различни формати на уметничка продукција, презентација и искуство. Во летото 2020 година, тие беа поканети на резиденцијална програма во Порта 27, Ајвалик (Турција), во контекст на која го мапираа локалното занаетчиство, изработија занаетчиска мапа на градот и создадоа инсталација со светлина-сенка-звук што го визуелизираше нивното истражување. Истовремено започнаа да ја развиваат Creative-Craft Platform, дигитална и физичка алатка за активирање на соработки помеѓу креативците од различни сфери и занаетчиите, со цел да се открие општествениот, културниот и економскиот потенцијал на занаетите во креативната и социо-културната продукција.
Пред тоа, Билал веќе работел на истражување за потенцијалот на „Занаетчиството во современото општество“ од 2012 година, со неговиот проект Crafted in Istabul, кој е претставен на различни изложби, и прикажан во архивата Arte Util на уметнцата Тања Бругуера како „студија на случај што се базира на уметничка практика да се замисли алтернативна иднина“. Во исто време, Лидија курира проекти кои се насочени кон зајакнување на заедниците и креирање алатки за активирање на партиципативни колективни искуства, базирани меѓу другото на креативната употреба на аналогни и дигитални технологии.
Билал Јилмаз
Билал Јилмаз е интердисциплинарен уметник-дизајнер со седиште во Истанбул. Тој главно користи светлина, звук, движење и интеракција со цел да создаде скулптурни предмети, инсталации и искуства кои ја менуваат перцепцијата на гледачот и носат радост на колективноста. Покрај неговите интердисциплинарни уметнички дела и дизајни, тој развива социјални и колективни проекти создавајќи импакт преку уметност. Билал Јилмаз студирал инженерство за информациски системи на Универзитетот во Истанбул и компјутерски науки на Универзитетот Бингамтон (Њујорк, САД), а магистрирал „Дизајн на индустриски производи“ на Техничкиот универзитет во Истанбул. Неговите интердисциплинарни интереси и образование се рефлектираат на неговата работа, која осцилира помеѓу уметност, дизајн и општествен ангажман. Неговата практика во голема мера се заснова на пронаоѓање и откривање на потенцијалите кои се скриени поради современата општествена, политичка и финансиска реалност, како и на искуствено и колаборативно учење и правење. Многу од она што го прави има за цел да создаде алатки кои ги активираат можностите и заедниците преку замислување и експериментирање со алтернативни системи на ангажирање и колективно производство.
Во 2010 година, Билал Јилмаз основал колаборативно студио на Универзитетот Boğaziçi (Турција) со цел студентите да искусат уметнички и дизајнерски практики, да создаваат заедно и да учат едни од други. Во 2012 година, тој го основал дизајнерскиот колектив Olmaz İşler (Невозможни дела), преку кој стекнал искуство во дизајнирање концептуални внатрешни простори и истражување на интеракцијата на луѓето со нивната околина, предмети и светлина. Неговиот интерес за занаетчиство довел до колективниот проект Crafted In Istanbul (2012), кој има за цел да го открие општествениот, културниот и економскиот потенцијал на занаетчиството во постиндустриската средина, со тоа што ќе донесе видливост на подземните занаетчиски студија во Истанбул, како и отпочнување на соработки помеѓу занаетчии и креативци. Crafted In Istanbul е прикажан во архивата на Arte Útil на уметницата Тања Бругуера како „студија на случај која се потпира на уметничкото размислување за замислување, создавање и спроведување тактики кои го менуваат начинот на кој постапуваме во општеството“.
Билал Јилмаз учествуваше на Истанбулското биенале за современа уметност (2017) и на Истанбулското биенале за дизајн (2014). Бил дел и од повеќе меѓународни фестивали, музеи и галерии. Редовно држи предавања и работилници за различни аспекти од неговата работа во Истанбул и во странство.
Лидија Хаѕиоану
Лидија Хаѕиоану е куратор со седиште во Солун (ГР) и Истанбул (ТР). Од 2004 година, таа е ко-директор на ArtBOX (www.artbox.gr), канцеларија за управување со креативни уметности која конципира, дизајнира и имплементира проекти за современа уметност кои гравитираат околу истражувањето на уметноста како агент на општествени промени, врз основа на долгорочно стратешко планирање. Во овој контекст, таа конципира, курира и координира проекти кои ја потенцираат уметноста како алатка за општествени промени и односот помеѓу уметноста и технологијата, здружувајќи ги заедниците, уметниците и институциите од Грција и од странство.
Во изминатите неколку години, таа била вклучена во проекти кои имаат цел да создадат заедници преку уметност и креативност како средство за охрабрување на учесниците, демократизирање на пристапот до културата и овозможување разбирање на колективноста како алатка за еманципирана акција. Нејзиниот последен проект со ArtBOX, Tale of X Cities, се одвива во 15 различни градови во Северна Грција, обединувајќи ги институциите и граѓаните за да создадат колаборативен онлајн и офлајн фестивал, преку серија онлајн работилници за медиумска писменост и раскажување приказни.
Од 2018 година, таа ги истражува можностите за производство што ги нудат занаетчиството за креативниот сектор, а од 2020 година работи со уметникот Билал Јилмаз, на развивањето на Creative-Craft платформата со цел да се овозможи креативна соработка помеѓу уметниците и занаетчиите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.