Во Културно-информативниот центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на графики, цртежи и колажи од Слободан Радојковиќ од Србија. Тој ќе се претстави со дела од три циклуси: Лулиња и чешли, Колиби и дождови и Мрежи.
На прв поглед станува збор за три наративи, циклуси, со кои Радојковиќ ѝ се претставува на ликовната публика. Но, тоа е привид зашто сите три циклуси („Лулиња и чешли“, „Колиби и дождови“, „Мрежи“), без оглед што се создавани во разни временски периоди, тие се тесно поврзани со потребата на Радојковиќ да ги надмине конечната форма и визуелната претстава притоа ослободувајќи се од стварноста и преминувајќи во состојба на оностраното – на нешто што е повеќе од слика по себе, што преминува во метафора, со која се напушта она што се гледа и она што е вообичаен тек на нештата.
Колибите и дождовите, мрежите, лулињата и чешлите се наметнуваат како прибежиште на човечкиот ум од хераклитовскиот тек на стварите, според кои моментите сместени во разни временски мигови не може да се доведат во врска.
Слободан Радојковиќ e роден 1967 во Ниш, Србија. Дипломирал на ФЛУ Скопје во 1992 година. Постипломски студии завршува на ФЛУ Белград, Србија, во 1996 година, а на истиот факултет докторира во 2016 година. Работи како професор по графика на ФЛУ Ниш, Србија. Од 1993 година е член на Здружението на ликовниte уметности на Србија – УЛУС. Има реализирано 25 самостојни изложби во Белград , Ниш, Пирот, Приштина, Прокупле, Кикинда, Смедеревска Паланка, Кралево, Крагуевац, Софија (Бугарија), Хјустон (САД), Бања Лука (БиХ), Николет (Канада), Котор (Црна Гора) Верчели, Вербанија, Карнаго (Италија) и Берн (Швајцарија). Од 1993 учествува на повеќе од 350 групни изложби во целиот свет. Некои од најпознатите излагања се во Белград, Ниш, Скопје, Солун, Токио, Харков, Софија, Пловдив, Буенос Аирес, Кочи, Мјанмар, Прага, Париз, Свонси, Александрија, Мексико Сити и др.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.