Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, денеска во 13 часот, ќе биде отворена изложба на фотографии (24) на којашто ќе биде промовиран златниот антички наод од Неготинско. Изложбата е во рамките на повеќегодишната добра соработка помеѓу Музејот на Град Неготино и НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово.
Археолошкиот локалитет „Орманков гроб“ се наоѓа во непосредна близина на Неготино, поточно на 6 километри јужно од Неготино на самиот автопат Скопје-Гевгелија. Локалитетот се наоѓа на јужната страна од селото Тремник на оддалеченост од 200 метри на природно возвишение кое доминира над својата околина. Од локалитетот се отвора широк поглед кон север до планината Клепа, на исток кон планината Серта, на југ кон Демиркаписката Клисура и на запад кон планината Кожуф.
Во август 2008 година при археолошко истражување од страна на стручна екипа од Музеј на град Неготино, под раководство на кустос-советник археолог Кире Ангеловски, на длабочина од 0,35 до 0,50 cm., се пронајдени повеќе предмети од златен накит и монети кои што датираат од IV-III век пр.н.е, и тоа:
– 2 (две) монети-статери со ликот на Филип II и Александар III,
– 4 (четири) фибули од малоазиски тип со по пет ѕвездести украсни испусти на лаковите, нозе со масивни стилизирани змиски глави и глави во вид на палмов лист,
– 31 примерок на златни висулци во форма на копје,
– 32 примерок на златни висулци во вид на лешник,
– 484 кружни алки украсени со гранули,
– 84 мали кружни алки со три реда гранули,
– 2 (два) златни завршетоци од ѓердан во вид на палмети,
– 4 (четири) златни цилиндрични цевчиња од ѓердан украсени со филигран и гранулација,
– 1 (една) мала дводелна кутија (пиксида) од злато во цилиндрична форма богато украсена со филигран и гранулација
– 1 (една) импресивна украсна релјефна плочка-медалјон со претстава на Посејдон кој држи тризабец во левата рака, а лево и десно фланкиран со протоми на два коња.
Вкупната тежина на овие предмети изнесува околу од 1 кг богато со 22% каратно злато. Се претпоставува дека припаѓал на истакнат војник-офицер по потекло Пајон од Антигонеа, кој сигурно бил во војската на Александар Македонски додека војувал во Азија, и по враќањето го носи сиот овој златен накит, со кој потоа бил погребан.
Ексклузивниот златен комплет како збирен наод кој датира од IV-III век пр.н.е. претставува еден од најзначајните и најрепрезентативни наоди од овој вид од времето на почетоците на македонско-хеленистичкиот период на територијата на РС Македонија. Ова извонредно културно богатство беше презентирано во престижниот национален Келтен-Ромер музејот во Манхинг, Германија, заедно со златната маска од Охрид и како составен дел од изложбата со наслов „Златното лице на непознатиот крал“, проект кој се реализираше со
Поддршка на Комисијата за образование, аудиовизуелност и култура при ЕУ во рамките на проектот Clash of cultures (Судир на култури).
Денес се наоѓа во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје каде е достапен за пошироката светска јавност. Изложбата со фотографии досега е претставена во Неготино и Кавадарци.
Во Куманово изложбата ќе биде поставена до 4.5.2022 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.