Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ и вечерва со почеток во 20 часот во Националната опера и балет ќе одржи ексклузивен новогодишен концерт.

На програмата е богата музичко-сценска програма во која учествува целиот ансамбл. Публиката ќе може да ужива во познатите сценски постановки „Кумановка“, „Лазаренки“, „Беранче“, „Раштак“, „Црногорка“, „Пијанец“, „Рудо јагне“, „Калајџиско“ и во изборот на композиции од раскошниот вокално-инструментален репертоар на „Танец“, меѓи кои и сплетот инструментални ора посветени на виртуозот Тале Огненовски, по повод 100-годишнината од неговото раѓање.

Како и секогаш, „Танец“ подготовува и точка-изненадување, оваа година заедно со учениците од Насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје, која ќе му даде посебна нота на целиот настан.

Воедно, НУ Танец организира и завршната изложба на студентите од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, која ќе биде отворена во пресрет на самиот новогодишен концерт (23 декември) со почеток во 19 часот, во Фоајето на НОБ. Изложбата ќе ги претстави студентските архитектонски решенија за нов мултинаменски објект за НУ Танец, со соодветна концертна сала, проектна задача која младите архитекти ја работеа под менторство на педагошки тим од факултетот, а во рамките на Архитектонското студио 8/3, во летниот семестар од оваа учебна година. Овие индустриски објекти се наменети за една поинаква “индустрија” и оттука програмата на архитектонското студио го носеше насловот „Институт за производство, истражување и едукација на материјално и нематеријално културно наследство“. Во таа прилика ќе бидат доделени и благодарници на студентите кои учествуваа во проектот, но и на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ кои беа дел од Летната академија ТАНЕЦ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.