Во Галерија 2 во Младинскиот културен центар – Скопје вечер во 20 часот ќе биде отворена архитектонската изложба „Атлас на македонската модерна архитектура“.
Станува збор за проект чија основна цел е препознавање, документирање, проучување и вреднување на модернистичкото архитектонско наследство од втората половина на XX век на територијата на Македонија.
Проектот регистрира и мапира повеќе од 500 индивидуални архитектонски реализации изградени во периодот 1945-1985 година, од кои преку 100-тина се документирани, а повеќе од 40 избрани градби се претставени во форма на тродимензионални архитектонски модели.
Авторскиот тим на проектот го сочинуваат Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Владимир Десков, Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и соработниците.
Изложбата е резултат на едногодишниот истражувачки проект од областа на архитектурата насловен „Атлас на македонската модерна архитектура“ кој Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата Континео 2020 го спроведе со финансиска поддршка од Министерството за култура на Македонија.
Изложбената поставка ќе биде отворена за јавноста до 15 декември годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.