Од 5 мај (четврток) до 11 мај (среда) 2022 година во Кинотеката на Р.Македонија ќе бидат прикажани 11 класични наслови од српската кинематографија, продуцирани од раните 60-ти до средината на 80-тите години на минатиот век.

Се работи за насловите КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ? (Ko to tamo peva? / Who is Singing There?), МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ (Maratonci trče počasni krug / The Marathon Family), ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68 (Varljivo leto ’68 / The Elusive Summer of ’68), БАЛКАНСКИ ШПИОН (Balkanski špijun / Balkan Spy), НАЦИОНАЛНА КЛАСА (Nacionalna klasa / National Class Category Up to 785 Ccm), ПЛАСТИЧЕН ИСУС (Plastični Isus / Plastic Jesus), КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ (Kad budem mrtav i beo / When I Am Dead and Gone), ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ (Ljubavni slucaj ili tragedija sluzbenice P.T.T. / Love Affair, or The Case of the Missing Switchboard Operator), ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА (Petrijin venac / Petria’s Wreath), ЉУБОВ И МОДА (Ljubav i moda / Love and fashion) и ДАВИТЕЛ ПРОТИВ ДАВИТЕЛОТ (Davitelj protiv davitelja / Strangler vs. Strangler).

Автори на филмовите се Слободан Шијан (Slobodan Šijan)Горан Паскаљевиќ (Goran Paskaljević)Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević), Божидар Николиќ (Božidar Nikolić), Горан Марковиќ (Goran Marković), Лазар Стојановиќ (Lazar Stojanović), Живоин Павловиќ (Živojin Pavlović), Душан Макавеев (Dušan Makavejev), Срѓан Карановиќ (Srđan Karanović ) и Љубомир Радичевиќ (Ljubomir Radičević).

Филмовите во овој избор се дел од стоте антологиски наслови снимени од српски режисери во периодот од 1911 до 1999, а кои во 2016-та беа прогласени за национално добро од големо значење во Србија. Тие се дел од проектот „VIP Кинотека“ чија цел е да се сочуваат и заштитат филмовите кои ја одбележале српската кинематографија; процесот на дигитална реставрација на српското филмско наследство е реализирано во Одделението за дигитализација и дигитална реставрација при архивот на Југословенската Кинотека во Белград.

ЉУБОВ И МОДА е генерациски „исписник“ со веќе етаблираниот модернизам во литературата, театарот, џез и поп музиката. КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ, ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ и ПЛАСТИЧЕН ИСУС како фиданки на „црното семе“ на реализмот кореспондираат со мрачните тонови во литературата, сликарството и другите уметности.

Насловите: ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА, НАЦИОНАЛНА КЛАСА, ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’68, КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ?МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ, БАЛКАНСКИ ШПИОН и ДАВИТЕЛ ПРОТИВ ДАВИТЕЛОТ – се продуцирани во почетокот на 1980-тите години. Не може, а да не се повлече паралела со вистинската експлозија на новите трендови во рокенролот („новиот бран“ на бендовите од Белград, Загреб и Љубљана) и театарот (врвот на БИТЕФ-Белградски интернационален театарски фестивал, ЕУРОКАЗ-Загреб) меѓу останатите уметности, но и мултимедијалноста како израз.

Овој златен пресек на српската кинематографија секако не може да мине и без потенцирањето на филмовите на некогашните студенти на прочуената филмска академија ФАМУ од Прага, Чешка. Филмовите на Срѓан Карановиќ, Горан Марковиќ и Горан Паскаљевиќ се дел од таа неформална „чешка школа“ во ексјугословенската кинематографија, иако се понекогаш сосем различни според авторските интереси.

Југословенската Кинотека, основана во 1949 годинаденес спаѓа во петте најзначајни филмски архиви во светот. Покрај богатата збирка филмови од југословенската и српската национална кинематографија, оваа Кинотека располага и со огромен фонд странски филмови, добиени како размена со другите странски архиви, депонирани од физички и правни лица, како и преземени од широката киноприкажувачка мрежа.

Настанот е во организација на: Кинотеката, Југословенска Кинотека, Српската Амбасада во Скопје, и СПОНА.

Целосна програма ТУКА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.