„Италијанската девојка“ од Лусинда Рајли е најбараната книга за 2022 година, вели Александра Костовска, која 18 години е дел од тимот на издавачката куќа „Матица“.

Оваа семејна сага е најпродавана книга годинава. По неа следува трилерот „Последниот преживеан“ од Тес Геритсен. На трето место е „Клетва“ од Јелена Бачиќ Алимпиќ, најпознатата српска авторка и новинарка. Потоа доаѓа „Флертот низ призмата на стручњакот“ од Андреј Курпатов, најпознатиот руски психолог, кој ги разоткрива тајните на личниот и на професионалниот успех. На петтата позиција е „Море на загубената љубов“ од Санта Монтефjоре. Станува збор за романтична и напната приказна за семејните тајни и за победата на љубовта, инспирирана од мирисите и звуците на Италија, вели Костовска.

Таа објаснува дека читателската публика е мешана, како по возраст, така и по жанровска разновидност.

Можам да кажам дека возраста на читателите се движи од 10 до 80 години. Најмногу се преферира да се чита трилери, додека децата преферираат да читаат нешто што е мистерија, со волшепства, со авантури. Психологија се чита и доста е популарна, а луѓето читаат и историја. Историја на Македонија, додава Костовска за МИА, нагласувајќи оти книгите не се делат на машки и женски, туку дека секој може да чита најразличен жанр.

Костовска вели дека кај тинејџерите популарни се доживувањата на Нарнија, „Сребрениот стол“, „Коњот и неговото момче“, како и „Господарот на прстените“.

Книгите на Карлос Руиз Зафон исто така се читаат. Се работи за шпански автор, кој ја обработува Барселона, додава Костовска.

Македонците сакаат да читаат и книги на други јазици, но, неретко и странци доаѓале да се подноват со книга на македонски јазик.

Се чита и на други јазици. Имаме англиски бестселери, англиски класици, српски изданија. Доаѓаат и странци да бараат книги на македонски јазик. Претежно бараат книги за Македонија или нешто што е за учење на македонски јазик за странци. Се читаат и македонски писатели, истакна Костовска.

Костовска вели дека повеќе се читало во зимскиот период, отколку во летниот.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.