Ирската писателка, Лиза Макинерни, авторка на романот „Свети ереси“, вечерва ќе биде гостинка на Саемот на книга во промотивниот центар во салата „Борис Трајковски“.
Макинерни претходно ќе се сретне со љубителите на нејзината книга на штандот на издавачката куќа „Бата прес“.
Делото од англиски го преведе Ацо Пероски, а ќе го промовира Пепи Стамков.
Објавувањето е поддржано од Секторот за евроинтеграции на Министерството за култура и програмата Креативна Европа на Европската Унија. Ова е уште една од десетте книги од десет различни европски јазици што „Бата прес“ ги објавува во минатата и оваа година во рамките на проектот „Отворени книги – отворени граници“ – информираат од издавачката куќа „Бата прес“.
Лиза Макинерни е родена 1981 година во работничко семејство, во Галвеј, Ирска. По завршувањето на средното училиште студирала англиски јазик и географија на Универзитетскиот колеџ во Корк. Пишува романи, кратки раскази, есеи, статии. Како блогер, активна е на социјалните мрежи. Ги објавила романите: „Свети ереси“, „Чуда од крв“, „Правилата на Откровението“.
За романот „Свети ереси“ ја има добиено престижната награда за жена автор на фикција и наградата Дезмонд Елиот во 2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.