Ни беше важно да зборуваме за индивидуалната слобода, за тоа дека таа не може да се зема здраво за готово, а во современ контекст е нешто што треба константно да се освојува, да се бориме за неа, вели Нела Витошевиќ, која ја режираше претставата „Нора“ од Хенрик Ибзен во изведба на Местно гледалиште Љубљана (МГЛ).
„Нора“ вечерва во 20 часот во Драмски театар гостува на Фестивал РУТА. Ова е второ гостување на МГЛ во Македонија, по она на Охридско лето.
Драматург е Петра Погоревц, сценографијата е на Урша Видиќ, а костимографијата на Тина Бонча. Улогите ги толкуваат Ајда Смрекар, Матеј Пуц, Јернеј Гашперин, Нина Раковец и Јуриј Древеншек. Претставата трае два часа без пауза и е наменета за целата публика. Обезбеден е превод на македонски јазик.
Имав прекрасна соработка со МГЛ, со целиот тим, премиерата беше во почеток на март и оттогаш е одиграна 37 пати. Првото гостување во Македонија беше на Охридско лето, каде што ја одигравме пред преполна сала. Среќна сум дека гостуваме во мојот град, во Скопје и во Драмски, театар со кој често соработувам, вели Витошевиќ.
„Нора“ е приказна за навидум среќно мажена мајка на три деца. Нејзиното семејство, по долги години откажувања, ужива удобен живот, затоа што нејзиниот сопруг Торвалд Хелмер добива работа како директор на банка. Сè би било во совршен ред доколку Нора не ја прогонува непромислениот чин што го направила во минатото од љубов кон својот сопруг.
‘Нора’ е првиот феминистички текст на Ибзен напишан во 19 век. Главната хероина е симбол на женскиот отпор и женската слобода. Тоа е моја тема, тоа се прашања кои сакам да ги отворам и да ги обработувам. Ни беше важно да зборуваме за индивидуалната слобода, за тоа дека таа не може да се зема здраво за готово, а во современ контекст е нешто што треба константно да се освојува, да се бориме за неа. Психолошките процеси кои што една индивидуа ги поминува за да дојде до неа, е нешто што остава голем белег, нешто што општеството, во колективното несвесно го влече понатаму како бреме. И после век и пол ние гледаме дека жената сè уште се стигматизира и дека жената која што ги остава децата е секогаш постигматизирана од мажот, а тоа е и аналитички докажано, објаснува Витошевиќ и додава:
Во социјален, економски, културлошки контекст, во однос на отворање на женските прашања ние мислиме дека сме напреднале, но за многу работи мислам дека сме се вратиле назад за неколку чекори и затоа овој текст напишан во 19-от век е крајно актуелен. Ние се обидовме да направиме еден спој на класично и современо и сите ликови да ги прочитаме преку денешна призма, односно да видиме кои се тие ликови денес, вели Витошевиќ.
Во драматуршка смисла во „Нора“ на Витошевиќ е направно осовременување на текстот. Како што кажа режисерката, има некои исфрелни делови, а нешто е додадно. Целата приказна е преку нејзината нарација, од нејзина дистанца, од моментот кога го напушта мажот и децата и се сеќава на целиот настан.
„Нора“ или „Домот на куклата“ е едно од најпознатите и најчесто изведувани дела на норвешкиот драматург Хенрик Ибзен. При праизведбата во 1879 година, во Кралскиот театар во Копенхаген, Нора предизвикала невиден скандал. Во пиесата, авторот критички го начнува проблемот на патријархално уредениот модел на граѓанско семејство и го артикулира правото на жената да избере ослободување од подреденоста во бракот.
Драматургот Петра Погоревц кажа дека таа и Витошевиќ се обиделе „Нора“ да ја направат да биде интересна и за денешната публика. Два месеци работеле на текстот пред да почнат со пробите за претставата.
Среќна сум дека различни генерации жени, но и мажи во Словенија многу добро ја прифатија претставата. „Нора“ е и дел од матурската задача во Словенија и многу млади ја видоа претставата. Прекрасно беше да ги гледаш и да ги слушаш младите како почнуваат да размислуваат за одност меѓу мажот и жената, за тоа што значи семејство, човечките права. Многу ми е драго што оваа претства има одлична комуникација со публиката, рече Погоревац.
Сценографијата е на Урша Видиќ, а костимографијата на Тина Бонча. Улогите ги толкуваат Ајда Смрекар, Матеј Пуц, Јернеј Гашперин, Нина Раковец и Јуриј Древеншек.
Претставата трае два часа без пауза и е наменета за целата публика. Обезбеден е превод на македонски јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.