„Во мојата татковина секогаш се враќам со радост. Ценетоста почнува од почитта кон тоа од каде потекнуваш. Со големо внимание ги запознавам сите мои колеги и пријатели од целиот свет за Македонија преку македонските композитори, кујна, традиција, танц и ритам“, вели пијанистката Илинка Манова, која вчеравечер настапи во црквата „Света Софија“ заедно со американско-рускиот виолинист Игор Пикајзен во рамките на „Охридско лето“.

Фестивалската публика уживаше во прекрасната вечер што ја приредија двајцата извонредни музичари за што беа наградени со аплаузи.

„ Со Игор соработуваме од 2017 година. Имаме настапувано во Њујорк и во Женева заедно. Тој е брилијантен виолинист, за кого верувам дека допрва ќе се слушаат убави работи. Симболиката е уште поголема за него бидејќи неговиот дедо, легендарниот Виктор Пикајзен има настапувано на „Охридско лето“ во 1975 година. Јас и Игор внимателно ја избиравме програмата со која ќе настапиме. Издвоивме дела кои се неконвенционални, кои не се стого класични, ниту пак често се изведуваат. Идејата беше исто така да свириме и композитори кои творат во денешнинава“, појаснува пијанистката Манова.

Според неа, Македонија има традиција и високи стандарди за изучување на класичната музика.

„Колку мала земја сме, а имаме еден куп успешни луѓе кои работат и творат не само на овие простори, туку и во целиот свет. Како уметник кој веќе три децении живее надвор од Македонија сакам повеќе да си помагаме и да ги поддржиме младите музичари преку работилници, концерт, совет, време или внимание“, додава Манова.

За тежината и одговорноста на еден уметник да настапи на врвните сцени вели дека треба многу труд, посветеност и ангажираност.

„Работиме темелно на секое дело кое го изведуваме за да ги разбереме точно јазикот на композиторот и неговата идеја како таа музика преку нашите инструменти би звучела и би се пренела на публиката. Подготовките траат неколку месеци пред самиот настап“, вели Манова.

Пијанистката Манова живее и работи во САД. Добитничка е на повеќе награди, а љубовта и страста кон музиката ги преточува во суштинско изучување на оваа уметност. Првите образовни стадиуми ги завршила во Скопје во класата на проф. Валентина Нолчева, а потоа продолжила да студира во Келн и во музичката школа „Менхетн“ во Њујорк. Добитничка е на полна стипендија за нејзините студии на САНИ, каде стекна титула магистер и уметничка диплома. Во моментов е запишана на докторски студии по музичка уметност на Универзитетот во Конектикат.

Како солист и камерен музичар има настапено во Париз, Рим, Бон, Келн, Женева, Белград, Љубљана, Скопје и во повеќе градови во источна Европа, и САД. Последниот настап на „Охридско лето“ го имаше во 2001.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.