Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ е дoбитник на признанието Повелба по повод 40-годишното постоење и за значаен и непроценлив придонес во развојот на македонската кинематографија и за нејзина афирмација во светски рамки, како и за афирмација и популаризација на филмската уметност низ нејзиниот најспецифичен сегмент — кинематографијата, кое го додели Претседателот Стево Пендаровски.
ИФФК „Браќа Манаки“ е прв и најстар ваков фестивал, светилник и гордост на македонската кинематографија и уметност повеќе од четири децении. „Браќа Манаки“ има посебен успех со својата мисија за врвен вредносен систем во промоцијата и славењето на еден од најважните сегменти во филмската продукција-кинематограферството, клучната алатка за раскажувањето на наративите на филмското платно.
Почетоците се во градот домаќин Битола, во кој живееја и твореа браќата Милтон и Јанаки Манаки. Со својот фасцинантно богат опус и особено со документарните филмови снимени со нивната легендарна Камера 300 тие оставија непроценлив драгоцен филмски опус. Фестивалот е основан во 1979 година од страна на Друштвото на филмски работници во соработка со градот Битола и Кинотеката.
„Браќа Манаки“ ја доживува својата интернационализација во раните деведесетти години која се одразува во неговата главна програма за компетиција Камера 300, како селекција на најдобрите кинематографери.
Дел од „Браќа Манаки“ биле најзначаните потврдени и афирмирани светски кинематографери, носители на бројни светски награди. Многумина од нив и оскаровци.
Фестивалот откриваше многу нови млади таленти кои учествуваа во главната компетиција, селекцијата на програмите на европската перспектива и документарната програма на долгометражни филмови, како и компетицијата на најдобрите светски кратки филмови, чии конематографери се натпреваруваа за малата Златна камера 300.
Бронзената, Сребрената и Златната Камера 300 се доделувани од светски жирија, а Фестивалот „Браќа Манаки“ создаде антологија на најзначајни дела кои ја красат креативноста на кинематограферите.
Посебна придобивка и на Фестивалот е Клубот на великаните во кој влегуваат најдобрите светски кинематографери, освојувачи на Големата Златна Камера 300 за животен опус. Првиот меѓу нив е Милтон Манаки, а првиот меѓународен великан на кинематограферството, легендарниот Швеѓанец, Свен Линдквист, тандем партнерот на режисерот Ингмар Бергман. Во Алејата на добитниците на оваа награда се и двократниот оскаровец Фреди Френсис, трикратниот оскаровец Виторио Стораро, основоположникот на францускиот нов филмски бран Раул Гутар, потоа Роџер Дикинс, легендарниот руски кинематографер Вадим Јусов, но и Кристијан Бергер.
Другата престижна награда на „Браќа Манаки“, Златната камера 300, која се доделува за особен придонес во светската филмска уметност ја добиваа како познати кинематографери, така и водечки светски актери, режисери и продуценти.
Како светски водечки најстар и најугледен фестивал на кинематограферите „Браќа Манаки“ има плодна соработка со ИМАГО – Светската асоцијација на кинематографери. По повод 40 јубилеј, ИМАГО на Фестивалот „Браќа Манаки“ му додели признание Големото кристално око за афирмација на уметноста на светските кинематографери.
Фестивалот имаше и плодна соработка со Европската филмска академија, најчесто со нивниот избор на најдобрите краткометражни филмови, а во континуитет ја афирмираше и домашната кинематографија – учество на наши филмови и кинематографери во главната компетиција. Постојаната Мак-поинт програма од домашни краткометражни филмови, ретроспективи на македонски филмови и автори и наградата Голема ѕвезда која Друштвото на филмски работници на Македонија ја доделува за заслужен мaкедонски филмски работник.
Низ годините својот придонес за развојот и афирмацијата на „Браќа Манаки“ го дадоа многу филмски работници од земјава кои му го овозможија на Фестивалот заслуженото признание кое денес го има.
Признанието на директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски му го врачи Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски.
Ми претставува огромна чест што имам можност во името на сите мои претходници, по чија апсолутна и директна заслуга стојам овде, во името на Друштвото на филмските работници на Македонија, кој е грижлив родител и старател на Фестивалот сиве овие години и во името на бројните посветени професионалци и вљубеници во филмот кои со макотрпна работа го изградиле фестивалот и го донеле таму каде што е денеска, со неговиот кредибилитет и големина, да ја примам оваа награда за нашата најпрестижна Меѓународна филмска манифестација.
Во оваа прилика сакам да се заблагодарам Вам, и да ви оддадам признание Вам, на Претседателот на Република Македонија, на Министерството за култура, на Агенцијата за филм, на Општина Битола, на Друштвото на филмските работници на Македонија, на Кинотеката на Македонија и на нашите тимови, членови на Друштвото на филмски работници, нашите долгогодишни верни бизнис партнери и вљубеници во филмот без кои овој фестивал никогаш не би опстоил низ годините, ниту би бил таму каде што е денес, во нашата свест и во свеста на светските кинематографери и филмски професионалци. Затоа оваа награда не е само наша, туку е и Ваша.
Она што можам да ви го ветам денес е дека додека сум јас на кормилото на Фестивалот ние ќе сториме се овој фестивал да продолжи да расте и вие да се гордеете со нас, рече Дамевски, примајќи го признанието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.