Родниот град Штип, одново му се поклони на македонскиот класик Ацо Шопов. со промоција на книгата „Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ од Иван Антоновски. Универзитетски професори, писатели, студенти и гимназијалци ја преполнија салата на тренинг центарот на Универзитетот „Гоце Делчев“, во која Филолошкиот факултет во Штип, вчера го организираше настанот. Оваа книга, како што истакна промоторката, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, се доживува како складиште на знаци и значења и затоа покрај својата примарна улога на убава книжевност ја има и улогата на вистински книжевен архив. Разговорите поместени меѓу нејзините корици, како што вели и самата Светлана Шопова, се и вистински влог во книжевната и културната историја, а со тоа и во историјата на Македонија.
Оддавајќи му почит на Шопов на највисоко ниво од страна на Универзитетот и на градот, во присуство и на ректорот, проф. д-р Дејан Мираковски, многубројните присутни ги поздравија и проректорот Мишко Џидров и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов. И двајцата, говорејќи со пиетет за Шопов, за кого споменот во родниот град се рехабилитира во оваа 2023 година, нагласија дека неговото присуство во нашиот културен простор се чувствува и по повеќе од четириесет години од неговата физичка смрт. И тоа не само преку неговото творештво и преку неговиот влог за македонската култура, туку и преку писанијата како што е книгата „Од онаа страна на Небиднината“, посакувајќи таа да го најде вистинското место во рацете на студентите, на учениците и на сите посветени на животот и делото на Ацо Шопов.
Воодушевувачки е колку во оваа книга, детално и прецизно се опишува живеењето и делувањето на поетот Шопов од страна на неговата сопруга Светлана Шопова, колку добро ја служи меморијата и уште повоодушевувачки е начинот на кој е тоа спакувано од страна на Иван Антоновски. Моето длабоко убедување по однос на книгата „Од онаа страна на Небиднината“ е дека таа конечно ќе ги осветли „темните“ и ќе ги „расчисти“ тешко проодните места во поезијата на Шопов. Кои, за волја на вистината ниту се тешки, ниту пак темни, ако се има волја длабоко да се навлезе во суштината на поезијата и суштината на поетовото суштествување, нагласи во своето слово, деканката на Филолошкиот факултет во Штип, Луси Караниколова-Чочоровска.
Исчитувањето на 200-те страници на оваа книга, според неа, за читателите опитни во книжевноста претставува вистински поход, кој на моменти се квалификува како епски, другпат како лирски, од време на време драматичен, а најмногу од сѐ можеби искрен, реален, објективен. И многу емотивен!
Книгата „Од онаа страна на Небиднината“ добива визура на оној ткаеж на кој инсистира и Блаже Конески во својата „Везилка“. Оваа книга е „прост и строг“ дијалог, „прост и строг“ муабет, „меѓу времињата – она на Шопов и денешното“ и „меѓу генерациите“. А тоа значи дека Антоновски требал темелно да го исчита Шопов и на тој начин таа сложеност да ја совлада и потоа да ја издигне, да ја трансформира до едноставен разговор. Зашто само на тој начин можел да ѝ биде донекаде рамноправен соговорник на Светлана Шопова и да знае кога и како треба да ја поттикне на одредени моменти кои, ете, таа можеби сака да ги претрча или едноставно да не ни ги открие докрај, посочи промоторката, Весна Мојсова-Чепишевска.
Според неа, разговорите поместени во оваа книга се еден вид биографија или обид за вистинската биографија на Ацо Шопов, иако како што се вели и во книгата, „сета биографија, тој ја запишал во своите стихови…“
– Ова што во оваа книга го посведочи Светлана за Ацо не може никој друг. Таа е единствениот легитимен сведок на оној Шопов кој знаел да им дава поддршка на младите: Анте Поповски, Ташко Георгиевски, Живко Чинго, Атанас Вангелов, Ристо Лазаров… На оној Шопов кој го поддржувал новиот концепт на издаваштвото што Божин Павловски го вовел во „Мисла“. На Шопов, познавачот на југословенската филмска продукција. На Шопов чие творештво инспирирало уметници како Кирил Ефремов, Илија Пенушлиски, Димо Шумка… На Шопов, миленикот на многу југословенски писатели – Сарајлиќ, Диздар, Андриќ, Раичковиќ, Алечковиќ, Ќопиќ, Максимовиќ, Реѓеп, Минати, Космач, Крефт, Михалиќ, Парун, Брковиќ, Перовиќ. На Шопов како умешен дипломат, како голем амбасадор на својата земја. На Шопов како реален Болен Дојчин кому пополека болеста му го крши телото, му ја одзема силата, му ја снеможува раката, му го секнува зборот…, истакна Мојсова-Чепишевска.
Исчитувајќи ја книгата преку модалитетите на сеќавањето, таа посочи дека многубројните мали приказни околу големата приказна за поетот и дипломатот Шопов се и книжевни музеи.
– Интересно е што доволно често Светлана си ги позајмува мислите на Ацо, како артефакти, како експонати во музеј, го цитира зашто чувствува дека не може подобро да го каже ако го прекаже т.е. ако го парафразира. На тој начин таа му го позајмува, ми го дава својот глас, го оживува и му допушта слободно да влезе во овој разговор. Тие партии прераснуваат во мали филозофски симпозиуми. А Светлана Шопова скоро секогаш е подготвена да одговори на сите, и лесни и тешки, прашања поставени од Иван Антоновски. И затоа одѕвонуваат некои нејзини мисли кои ги откраднува, позајмува од Шопов, мисли кои стануваат и нејзини како онаа дека „… поезијата и воопшто уметноста секогаш на крајот победуваат над политичките и политиканските интереси“, рече Мојсова-Чепишевска.
На промоцијата се обрати и ќерката на поетот, Јасмина Шопова, која е и истражувач и преведувач на неговото творештво. Потсетувајќи на некои моменти од нашето минато забележани во оваа книга, таа во своето кратко обраќање, особено инсистираше на неопходноста и итноста да го негуваме нашето културно наследство.
Во завршницата на настанот се обрати и авторот на книгата, Иван Антоновски, кој присутните ги потсети и на стихови на Шопов од аманетната книга „Дрво на ридот: „Ти доаѓам, граде мој, изморен и остарен колку што ме преобличил светот. / Светот е долговечен а нашиот век краток. / Ти доаѓам со сите безгрижни и изгубени детства / што ги среќавав на патот, / со сите надежи и маки на луѓето со кои се запознав, / и го фрлам тој тежок товар во бунарот на твојата историја, / а ти злокобната судба изгони ја, / за да из’рти едно ново детство / признато и прифатено од сето човештво / како добрина и Македонија.“ И со „Од онаа страна на Небиднината“, Шопов му се врати на својот роден град, токму „како добрина и Македонија“, при што што преку оваа книга, и неговата поезија добива нови толкувања.
По промоцијата, соговорниците од книгата, Светлана Шопова и Иван Антоновски, заеднички ги потпишуваа примероците од изданието за многубројните заинтересирани штипјани.
Од името на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, Јасмина Шопова ѝ подари на библиотеката на Филолошкиот факултет во Штип единаесет значајни изданија за и од творештвото на Шопов, меѓу кои и двојазични и повеќејазични изданија објавени од реномирани странски издавачки куќи.
Избор од новообјавените книги, Фондацијата му донираше и на роднокрајното одделение во НУУБ „Гоце Делчев“ – Штип, во кое Ацо Шопов своевремено лично предал голем број свои ракописи, за што поопширно зборува Светлана Шопова во „Од онаа страна на Небиднината“.
Книгата беше објавена на почетокот на месецов од издавачката куќа „Дијалог“, а ова беше нејзина втора промоција по онаа во рамките на мултимедијалниот настан „Ацо Шопов – Невообичаено“ што се одржа во Скопје на 23 ноември. Од вчера, книгата е достапна и во книжарниците во Штип.
Инаку, овој настан беше втор што годинава го организира Филолошкиот факултет во Штип во чест на 100-годишнината од раѓањето на Шопов, по Меѓународната научна конференција која се одржа во мај, а како што најави деканката, Караниколова-Чочоровска, ќе има и трет, кога за неполн месец ќе биде промовиран Зборникот од Конференцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.