Со доделување на наградите и проекција на филмот „Нема да си сама“ на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски, во МКЦ Парк вечер во 21 часот ќе заврши 21. Фестивалот на европски филм „Синадејс“.

Во изминатите осум дена на различни локации низ Скопје беа прикажани 50 филмови во повеќе селекции, од кои натпреварувачки се – Официјалната и СЕЕ-селекцијата (Southeastern Europe). Наградите за нив ќе ги доделат две жири-комисии: Марија Апчевска, Иева Норвилиена и Алфтед Холигхаус – за официјалната селекција и Ѓулин Устин, Дамјан Козоле и Диего Апарисио – ќе одлучуваат за наградите за СЕЕ-селекцијата.

По доделувањето на наградите, премиерно ќе биде прикажан филмот „Нема да си сама“ на Столевски, кој годинава, како што наведува МКЦ, стекна светска слава по премиерата на Фестивалот на независен филм „Санденс“

Пред оваа проекција режисерот има особена возбуда за која вели:

Фестивалските публики ми се омилените. „Нема да си сама“ како приказна е зачната токму тука во Скопје и многу ме радува што конечно ќе се прикаже на затворањето на „Синедејс“. Длабоко ме допреа страсните, емотивни реакции од публиката во Санденс. Со нетрпение и возбуда ги чекам овдешните, вели Горан Столевски, информира МКЦ.

Приказната во филмот „Нема да сама“, која се случува во изолирано планинско село, е за девојче грабнато од древен дух и преобразено во вештерка. Љубопитна за животот на луѓето, младата вештерка случајно убива една селанка, па потоа го зема нејзиниот облик за да живее во нејзината кожа. Љубопитноста и се разгорува и продолжува да ја користи оваа ужасна моќ за да разбере што значи да се биде човек.

По проекцијата на филмот, 21-виот „Синедејс“ официјално ќе биде затворен со диџеј-сет на актерот Оливер Митковски, соопшти Младинскиот културен центар, организатор на фестивалот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.