Денес, 20 јули (сабота) во MC Gallery во Њујорк, ќе биде отворена самостојна изложба на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ насловена „Огледалото”.

Проектот „Огледалото/ Мirror” користи дела – цртежи изработени врз страници од дневни весници кои Јовановиќ ги користи како подлога за цртање и на кои интервенира со цртежи и пораки, притоа менувајќи го нивниот контекст со што се обидува да создаде слоеви на други значења и поинаква реалност од онаа што ја прикажуваат или сакаат да ја прикажат. Тој овие цртежи ги комбинира со цртани и колажирани објекти со селектирани приказни од различни страни од светот за користењето на лажните вести како и примери од уметнички проекти каде лажните вести се користат како уметничка стратегија.

Во светот на медиумите и на социјалните мрежи сè почесто се среќаваме со разни дезинформации и лажни вести. Современите информациски и комуникациски технологии само го олеснија и забрзаа споделувањето на такви информации, па и последиците се далекусежни, а поради тоа Светската здравствена организација појавата на масовното ширење лажни вести го нарече инфодемија.
„Fake news”, лажни вести, дезинформации, значи информации кои се или целосно или делумно неточни, но кои свесно се пуштаат во оптек за да дејствуваат на одредени политички одлуки или едноставно да остварат што поголем број посети на социјалните мрежи.

Лажните вести се шират со голема брзина и во меѓувреме прераснаа во еден од најголемите проблеми, одобено во дигиталниот свет. И на корисниците им е тешко да ги разликуваат од веродостојните информации. Се поставува прашањето: на што се должи „успехот” на лажните вести? Еден од можните одговори го даваат психолозите кои објаснуваат дека луѓето сакаат да ги знаат причините за настаните во светот и кога погрешна информација нуди едноставно објаснување за одредени настани, луѓето ја примаат како факт и кога им е понудено друго објаснување (кое можеби е точното), тие се чувствуваат неудобно бидејќи го губат чувството на сигурност. Во ваков случај, човекот ја прима новата информација како закана за неговото разбирање на настанот и затоа е мотивиран да се задржи на претходното објаснување.

Јовановиќ во својот проект го проблематизира концептот и феноменот на медиумската комуникацијата во современиот простор и време, обидувајќи се преку своите дела да повика на критички однос кон она што ни се претставува како реалност или факт. Да се биде медиумски писмен значи да се биде свесен за својата стварна позиција внатре во медиумскиот пејсаж кој рапидно се шири, и да се биде подготвен за анализа на драматичните промени во рамките на самата јавна сфера.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.