Голема репродукција, составена од две дела на францускиот уметник Жан Пејрисак (1895-1974) е поставена во внатрешноста на битолската општинска зграда и отсликува фрагмент од животот во Битола за време на Првата светска војна.

Уметничкото дело на Пејрисак, претставник на француската модерна уметност од 20 век, го промовираа амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер и градоначалникот Тони Коњановски.

Ова дело е симбол на пријателството меѓу нас. Таа приказна за нашето пријателство е долга, но станува уште подлабока и почовечка. Фреската е составена од репродукции на дела кои ја претставуваат старата битолска чаршија и бреговите на Драгор. Жан сакал да студира медицина, но започнала војната и се пријавил како доброволец, а во 1917 година бил испратен на Македонскиот односно Солунскиот фронт во Солун и Битола. Преку оваа фреска Жан повторно се врати во градот со кој толку многу бил поврзан, истакна францускиот амбасадор Бомгартнер.

Репродукцијата е откриена по повод празнувањето на 104 годишнината од крајот на Првата светска војна. Авторските права за делата се отстапени лично од семејството Пејрисак, чија внука Стефани, посочи дека сеќавањето на нејзиниот дедо од средбата со македонскиот народ ќе бидат присустни во очите на многу посетители преку ѕидовите во битолската Општина. Репродукцијата ја направи уметничкото ателје Солак, а иницијативата за проектот ја даде историчарот од Франција Ерик Алан.

Ова е уште една потврда за нашата соработка во делот на културата и уметноста. Ова дело потекнува од 1917 година и отсликува еден мошне значаен период за Битола. Верувам дека ќе претставува вистинска атракција за многу гости кои ќе ја посетат Битола и ќе сведочи за добрата меѓународна соработа која ја негува општината, посочи градоначалникот Коњановски.

Денес во Битола, француските гробишта во овој град со комеморација ќе биде одбележан 11 ноември, Денот на примирјето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.