27 Март – Меѓународен ден на театарот. Голем празник за нас театарџиите. Тој ни доаѓа како куќна слава. И тогаш театрите се обидуваат, на тој ден, да дадат премиера (по можност добра) па потоа коктелче, баш како на куќна слава, вели Коле Ангеловски, актер и режисер, кој е автор на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот.
Јас имав посебна среќа што нa 27 Март два нови театри се отворија со мои претстави. Театарот за деца и млади со преставата „ Чудовиштата од нашиот град“ според текст на Русомир Богдановски, тогаш македонската порака за денот на театарот со специјален хелио балон беше испратена во вселената. По неколку години се отвори и Театарот комедија со „Ах љубов моја“ со мои текст и режија.
Долго време сум во театарот и имав прилика да доживеам два радикално различни периоди во животот на Македонскиот театар.
Првиот, кога Македонија, во склоп на Југославија, водеше сметка за културата, сакаше да се покаже пред другите републики, беше горда кога ние правевме добри претстави, победувавме на меѓународни фестивали и фестивалите во Југославија, патувавме по турнеи во разни земји по светот. Тогаш, ниту еден од режисерите на знаеше колкав му е буџетот на преставата. Сценограф, костимограф, композитор ( за секоја престава специјално се компонираше музика) нормално беше да ги имаш најдобрите, секое работно место беше покриено со соодветно квалификуван човек. Имаше работилници што изработуваа се’ што е потребно да се опреми една претстава. Тогаш театрите ги водеа компетентни и значајни личности и се’ функционираше како што треба, вели Ангеловски во пораката.
Југославија се распадна, Македонија имаше среќа да помине без војна.
Во тоа време во независна Република Македонија имаше околу 20 национални установи кои целосно беа финансирани од Министерството за култура. Дојде демократијата, во театрите дојдоа партиски директори, кои си носеа партиски режисери, кои си бираа партиски глумци и соработници и со големи буџети правеа големи проекти, не претстави,проекти според големи автори. Големи најави, мали резултати.
Ќе се променеше власта, нови партиски директори, нови партиски режисери, нови соработници, големи автори, големи најави, а се помалку публика, помалку репризи. Сонувавме за некогашните 200, 300, 470 репризи, преставите кои се играа по десет, дваесет, дваесет и девет години, пред полни салони, со редици пред билетарата, со среќна и насмеана публика.
Секоја година со ребалансот на буџетот, парите во културата се намалуваа за 10 %, 20 %, а бројот на националните установи се зголемуваше. На последниот конкурс на Министерството за култура имало 3132 барања за финансирање на проекти. Комисиите составени, барем како што велат, од компетентни и стручни луѓе (повеќе партиски, отколку компетентни) како само да ги протрчале насловите, без суштински да навлезат во проектите; инаку би им требало најмалку година дена, но и тогаш средствата би ги поделиле за да се задоволат народите и народностите, партиите, во секое гратче, општина, село – тежнеејќи да имa барем по две национални установи, за да се почитува принципот на двојазичност и сите да бидат задоволни.
Една мала дигресија, Франција, држава со 80 милиони жители, има само 5 државни театри кои се комплетно финансирани од Министерството за култура на Р. Франција, и само театарот Комеди Франсез има постојано вработена трупа.
Да се добие статус на Национлна институција на културата – тоа мора да се заслужи.
И сега со овие средства што ги добија театрите, со исклучок на две, три претстави што имаат пристојни буџети, ќе крпарат со сценографии и костимографии од фундус, музика ќе симнуваат од Јутјуб, хонорарите, ако воопшто ги има, ќе бидат минимални. Ќе гледаме, по кој знае кој пат нови видувања на „Тартиф“, на дела од Шекспир, Стефановски… Ќе „измислиме нов правец’’ во театарот – „Гол театар“: празна сцена, две столици, црни завеси…
Зградите на театрите ќе се распаѓаат, вода ќе тече од сите страни, греење ќе нема, стотина дипломирани млади актери ќе чекаат некој од театрите да респише конкурс , за евентуално да бидат примени…
Но, затоа ќе имаме фестивали во секој град и село, дури ќе финансираме фестивал во друга држава…
Ама немајте гајле, догодина, како што рече еден наш хуморист: Тумороу ит вил би БЕТЕР!, вели Ангеловски во пораката по повод Светскиот ден на театарот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.