Со проекција на „Носферату, симфонија на стравот“ филм на Фридрих Вилхелм Мурнау од 1922 година, во музичка придружба на Џијан Емин, во летното кино на Кинотека вечер во 20 часот започнува годинашното издание на „Фестивалот на нем и класичен филм“.

Во 14 термини ќе бидат презентирани три филма на типичниот претставник на германскиот експресионизам Мурнау (покрај „Носферату“, и „Фауст“и „Патување во ноќта“), два со Бастер Китон, „Човекот со каменото лице што го засмејуваше светот“ од ерата на немиот филм, мини-циклус на Рајнер Вернер Фасбиндер, по еден филм на француските авторски ведети Луј Мал и Клод Соте, како и домашното документарно наследство – Филмски новости (1945-1948).

На последната вечер на фестивалот во летното кино ќе бидат прикажани три етнолошки филмови во чест на проф. д-р Вера Кличкова, по повод 111 години од нејзиното раѓање.

Оваа проекција на филмовите „Русалски обичаи во гевгелиско“, „Велигденски обичаи“ и „Мариовска свадба“ е дел од проектот „Сезона на филмски класици“ на Асоцијацијата на европски кинотеки.

Фестивалот е во организација на Кинотеката и Кино – Балкан и ќе трае до 7 септември.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.