„Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска во петок ја има светската премиера на Филмскиот фестивал во Венеција. По две децении, ова е прво учество на Македонија со мнозински проект во една од официјалните натпреварувачки програми на еден од трите најголеми фестивали во светот – Венеција.

„Најсреќниот човек на светот“ е филм кој всушност говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесет годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.

Официјалната проекција на „Најсреќниот човек на светот“ е закажана во петок, втори септември во киносалата „Sala Darsena“ со почеток во 14.15 минути, а потоа на трети септември во киносалата „Palabiennale“со почеток во 13.30 минути.

Веднаш по Фестивалот во Венеција, „Најсреќниот човек на светот“ ќе има и северноамериканска премиера на InternationalFilmFestival во Торонто кој ќе се одржи од 8 до 18 септември 2022. Официјалните проекции ќе се одржуваат на 09.септември во киносала „ Scotiabank 13 – 310“ со почеток во 21.15, и на 10. септември во киносала„Scotiabank 9- 192“ со почеток во 21.45

Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, CreativeEurope – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, BelgiumTaxShelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.