Организацијата Факултет за работи што не се учат (ФРУ), во рамките на проектот Активен Град/граѓани на 18- ти јули ќе се претстави на ОПЕНХАУС Берлин, отворено студио во Центарот за уметност и урбанизам во Берлин, каде што во моментов престојува на резиденција.

Во рамки на резиденцијалната програма на ZK/U, ФРУ ја претставува работата на долгорочниот проект Лабораторијата за просторно изведувачки практики ГРАДОТ КАКО СЦЕНА, која се реализира во соработка со Архитектонски факултет – во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како дел од оваа лабораторија, во рамки на резиденцијата, во текот на јуни годинава, неколку млади уметници, архитекти и студенти, Димитар Милев, Ивана Самандова, Тамара Џерков и Мартина Пенева беа дел од истражувачкиот процес на проектот ОД „ЧЕТВРТИ“ ЅИД ДО „ДИЈАЛЕКТИЧКИ“ ЅИД.

Проектот ОД „ЧЕТВРТИ“ ЅИД ДО „ДИЈАЛЕКТИЧКИ“ ЅИД, е развиен од архитектите и уметниците, Филип Јовановски и Слободан Велевски за време на Active city(zens) резиденцијата. Проектот ќе биде претставен како дел од овомесечниот ОПЕНХАУС во центарот ZK/U кој ќе се одржи денес, на 18ти јули, од 19:00 до 23:00 часот.

ZK/U во Берлин е уникатна локација. Просторот на поранешната железничка станица, курира инклузивна програма за сите видови потенцијална публика. Во ZK/U се користи новоизградениот покрив на зградата за да се создадат инсталации со кратки перформанси достапни за голем број дневни патници со воз, како и за пешаците, посетителите на паркот и членовите на околната заедница. Ова е обид да се создаде едноставна уметничка интервенција во секојдневното патување со изведба на многу кратки перформанси (со времетраење од 10 секунди).

Проектот ОД „ЧЕТВРТИ“ ЅИД ДО „ДИЈАЛЕКТИЧКИ“ ЅИД, развиен од Јовановски и Велевски се фокусира на импулсот што го има лиминалната состојба на ѕидот во процесот на поттикнување наративи во физичкиот контекст.

Уметниците/архитекти ги поставуваат прашањата: Дали дијалектичкиот ѕид би бил идеален симболички и политички простор за дејствување, трансформирајки го градот во сцена? Колку е дебел тој ѕид?

Дијалектичкиот ѕид во овој случај е машина која генерира дејства преку воспоставување динамичен однос на генеричкиот (апстрактниот) наспроти активниот  простор (место) во градот, поставувајќи го прашањето за односот помеѓу публиката и изведувачите. Ѕидот е самата сцена, простор кој дијалектички ја вклучува публиката во дејството, го реактивира градот во создавањето на дејствата (настаните) и со тоа го трансформира во перформативен град/сцена.

 

Филип Јовановски (1979) е стручен соработник на Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје и предава предмет сценографија како експерт од практиката на Факултетот за драмски уметности при УКИМ во Скопје. Јовановски со неговиот изразен интердисциплинарен пристап истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – архитектура, визуелна уметност, театар, видео, филм и просторни инсталации.

Најчесто уметничко изразно средство се просторните визуелни интервенции во јавен простор. Тој ја истражува уметничката изразност и потенцијал и во областа на сценографијата, досега создавајќи околу 30 сценографии за театарски претстави.  Јовановски имал над 15 самостојни изложби и претставувања во земјава и во странство, и учествувал во над 40 групни изложби.

Неговиот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“, куриран од Ивана Васева, кој ја претставуваше Република Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година, ја доби главната награда „Златна Трига“.

Слободан Велевски (1976 година) е редовен професор на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Тој е дел од Институтот за урбанизам, а заедно со Марија Мано Велевска од 2014 година го раководи интегративното студиото Обрасци на раст и Раст 2.0 во последниот семестар на студиите по архитектура.

Во изминатиот период, самостојно или како ко-автор активно учествува во низа истражувачки проекти, научни конференции и семинари, работилници, публикации и архитектонско-урбанистички проекти и конкурси. Заедно со Марија Мано Велевска е автор на книгата „Разговори“ и едицијата Раст составена од 10 книги.

Слободан Велевски верува дека улогата на архитектот во општеството мора да ги надмине досегашните рамки на делување и дека создавањето современа архитектура е колаборативен процес во кој делото може да биде и вербално и материјално, но дека тоа секогаш мора да се стреми да ги отслика искуствата на мноштвеност и етика.

 

Проект Активен ГРА(Д)/ѓани

Лидер на проектот: Институт за театар од Чешка/Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор(PQ)

Партнери:

ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин

ИЗОЛАТЦИА – Киев, Украина

Организација Факултет за работи што не се учат (ФРУ) , Македонија/

 

Овој проект е поддржан од Програмата Креативна Европа на Европската Унија.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.