По пауза од девет години, синоќа Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски се најдоа повторно заедно на една сцена во Македонската филхармонија и одржаа длабок, топол и емотивен концерт за паметење. Допатуваа од три континенти, за повторно заедно да ја поведат публиката на незаборавно музичко патување како што само тие тројца вонсериски музичари знаат да изведат. А го почнаа симболично со изведба на „Дома“ (Home), композиција од филмот „Војната заврши“ од Митко Панов. Видлива беше нивната возбуда и уживање од настапот пред домашната публика, која со исто толкава возбуда ги пречека своите миленици дома.
Уживавме во преработки на македонска изворна музика во едно ново уникатно издание со интимен карактер и модерна аранжманска структура и изведба на „Абер Дојде Донке“, „Калеш Анѓа“, „Параходот“…., па преку „Татко“, како еден вид интимна исповед на Бојаџиев и „Дојди“ и „Танго до балчак“, композиции од филмот „До балчак“ на Столе Попов, за да стигнеме како публика до експлозија од чувства и убавина.
Извонредниот талент на тројцата врвни музичари одамна ја има својата потврда на светската сцена, а синоќешниот концерт беше можеби едно од најраскошните маестрални концертни доживувања.
Безвременската музика допре до секој од нас во публиката, фантастичниот сензибилитет и мекоста на гласот на Роџевски споен со оригиналноста во беспрекорната изведба на Лумановски и Бојаџиев беше проследена со стоечки овации и долги аплаузи кои два пати ги враќаа на сцена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.