Драмскиот театар вечерва ќе настапи во Београдско драмско позориште со претставата „My name is Goran Stefanovski“ („Се викам Горан Стефановски“), во рамки на фестивалот „РУТА Група Триглав“, што од 1 до 6 декември се одржува во Белград, а чие октомвриско издание беше во Скопје.
Со оваа претстава Драмскиот театар годинава гостуваше на регионалните фестивали во Подгорица, Нови Сад, Ниш и Крагуевац, на кои доби значајни театарски награди. Текстовите на Горан Стефановски како хроника на едно време се актуелни и се играат во повеќе театарски куќи на задоволство на неговата читателска и театарска публика.
Режисер на претставата „My Name Is Goran Stefanovski“ – „Се викам Горан Стефановски“ е Бранислав Миќуновиќ, долгогодишен професор на Факултетот за драмски уметности во Белград и Цетиње, а драматург е Бранислава Илиќ, драмски писател и професор на Факултетот за драмски уметности во Белград.
Претставата е авторска адаптација од изборот на драми и монтажа на сцени од седум драми на Горан Стефановски напишани во периодот од 1987 до 2021 година – „Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“.
Сценограф на претставата е Александар Дениќ, автор на музиката Влатко Стефановски. Улогите во претставата ги толкуваат актерите Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов – Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.