Ансамблот на Драмски театар Скопје со претставата „Парови“ во режија на Ивана Ангеловска вечерва настапува на „Меѓународниот театарски фестивал Отело“ во Гостивар. Претставата „Парови“ ќе се игра на големата сцена на Центарот за култура АСНОМ во 20 часот.
Фестивалот „Отело“ во Гостивар се организира со поддршка на Министерството за култура и туризам и Општина Гостивар.
Во рамките на осмото издание на фестивалот ќе бидат изведени шест претстави на театри од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Грција и Косово.
Претставата „Парови“ досега е играна седум пати на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје. Премиерата беше во мај годинава и вечерашново гостување е нејзина прва изведба надвор од матичната сцена. Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Димитрија Доксевски, Јасмина Василева, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Лазар Христов и Нина Елзесер. Уметничкиот дел на претставата го предводат режисерката Ивана Ангеловска и авторката Ана Ристоска – Трпеноска.
Сценограф на претставата е Костантин Трпеноски, изборот на костимите е на костимографите Раде Василев и Ратка Џамбазовска Коцев.
Организаторите ја информираат публиката дека влезот е слободен за сите шест претстави на „Меѓународниот театарски фестивал Отело“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.