Со прогласувањето на најдобрите поединци и театарски групи и со доделувањето на наградите вечерва заврши 60-от Драмски аматерски фестивал (ДАФ) во Кочани.
Гран-при „Васил Ќортошев“ за најдобра театарска претстава во целост доби изведбата на драмскиот текст „Тунел“ на театарската група „Годо“ од Кочани, а во режија на Кристина Атанасова Арсова.
„Оваа претстава фрагментарно се осврнува на сите видови насилство – физичко, емоционално, врсничко, семејно. Конфликтите беа прикажани низ силна, уверлива драмска игра и кореографија, со особена поетика и критика на актуелната стварност“, истакна Анкица Бенинова, претседателка на жири комисијата на ДАФ.
Наградата за главна женска улога ѝ припадна на Анџелија Мирковиќ, за ликот на Наталија Стефановна во едночинката „Просидба“ од Чехов, а во продукција на Академското позориште од Ниш, Србија. Даниел Гочевски, кој го толкуваше ликот на Драган Тарабунов во претставата „Драги уметници“ на Театарот „Чекори“ од Скопје, ја доби наградата за главна машка улога.
Претставата „Умрежени“ на КУД „Бранко Радичевиќ“ од Одбор „Просвета“ – Почетин, Хрватска доби награда за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, а во образложението беше нагласено дека таа вклучува лица со посебни потреби и претставува коментар на актуелната состојба во која децата кои се жртви на виртуелната реалност.
Во категоријата најдобра претстава за деца и младинци наградена е изведбата на драмскиот текст „Црвенкапа“ на Драмското студио „Летечка театарска група“ од Тетово, а во режија на Зоран Јовановски. Наградите за најдобра споредна женска и машка улога ја добија Тамара Стојановска и Никола Кузмановски од театарот „Чекори“ од Скопје.
Годинава ДАФ се одржа под мотото „Театарот е жив“, а покрај натпреварувачката програма, имаше и неколку придружни содржини, како и гостувања на Народниот театар од Велес и на театарска група од Истанбул, Турција.
Организацијата на фестивалот беше со финансиска поддршка од Министерството за култура, од Општина Кочани и со донации од стопанските претпријатија во регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.