Превирањата во ДПМ продолжуваат. Писателот Блаже Миневски, кој ја повлече својата кандидатура за претседател реагираше за објавената информација за постоење на два статути на Друштвото, еден статут во Централен регистер (од 2011 година), а друг достапен пред јавноста (од 2009 г.). Информацијата беше објавена во разговор со поранешната претседателка на ДПМ, Соња Елсезер за „25 минути“.

Многу сериозни се информациите објавени во телевизискиот разговор со поранешната претседателка, Соња Стојменска-Елзесер, за постоење на два статута – еден ‘важечки’ и еден ‘неважечки’, еден ‘јавен’ и друг ‘таен’, но валиден, депониран во Централниот регистар. Функцијата претседател на ДПМ според Статутот доставен до Централен регистер има мандат од две години, додека не постои воопшто функција претседател на Собранието. Според Статутот објавен на веб страницата, мандатот на претседателот на ДПМ е 4 години, како и мандатот на претседател на Собранието. Врз основа на кој Статут се бирала и се бира управата на ДПМ? Дали мандатот на претседателот е две или четири години? Дали вршењето на функцијата претседател на Собранието е легитимно и дали некој воопшто имал мандат со повикување на таа функција да презема активности и да настапува во име на ДПМ според невалидни акти?   , вели Миневски.

На фејсбук профилот на Друштвото на писателите на Македонија, до медиумите е упатена следнава информација.

ДПМ РАБОТИ ПО ЛЕГИТИМЕН СТАТУТ

Деновиве, од медиумите дознав дека во Централниот регистар имало депонирано Статут на ДПМ поразличен од оној кој е ставен и на сајтот на ДПМ (www.dpm-pisateli.mk), а по кој ДПМ работи од 2009 година и е актуелен Статут.

Јавно изјавувам дека немам никаква врска со тој друг Статут, кој никогаш не ми бил доставен, ниту сум го видел. Веројатно, станува збор за некоја работна, недовршена и нелегитимна верзија.

Статутот по кој работи ДПМ е од 2009 година, тој е ставен и на сајтот на ДПМ. Сите членови од раководството на ДПМ се легитимно избрани на 28 мај 2022 година, за што постои уредна документација доставена и верификувана од страна на Централниот регистар.

Христо Петрески, претседател на ДПМ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.