Доколку доверителите поднесат тужби пред судот во Стразбур, според воспоставената практика на судот, извесно е дека ќе се утврди повреда на правата од Европска конвенција за заштита на човековите права и државата ќе биде таа што ќе ги плаќа штетите. Ова значи дека сите граѓани во Република Македонија ќе ги плаќаат долговите на неплаќачите, оценуваат адвокатите

Членот 368 од Законот за облигациони односи е дискриминирачки и спротивен на Уставот. Со наведените измени се наруши правниот ред и поредок, се поттикна финансиска недисциплина, при што должниците се ставија во привилегирана положба, наспроти доверителите, а се наруши и финансиската стабилност на државата. Според Уставот, правото на сопственост е загарантирано право на секој граѓанин и правно лице. Уставот е највисок правен акт во државата, па оттука сите законски, подзаконски акти и други пишани правила треба да бидат во целосна согласност со овој правен акт, објаснуваат од Адвокатската комора на Македонија.

– Искрено се надеваме дека Уставниот суд, со целокупниот свој професионален интегритет и капацитет, внимателно ќе ги разгледа новите иницијативи што се однесуваат на овој член и во скор рок ќе го разреши овој правен проблем, кој во пракса создава низа проблеми, за граѓаните, компаниите и институциите – подвлекуваат адвокатите.

Тие сметаат дека измените на Законот за облигациони односи се спротивни на основните темелни вредности на Уставот и во практиката создаваат низа проблеми. Одредбите од член 368 од ЗОО, по донесените измени, се во директна спротивност со Законот за извршување, според кои, а согласно член 93 и 111, извршителот не може да го запре извршувањето поради апсолутна застареност на извршување.

– Покрај другите проблеми што ги предизвикаа овие законски измени, се појавуваат и низа прашања, како на пример: Што ќе се случува со данокот на додадена вредност и другите даноци што фирмите ги плаќаат однапред, пред да го платат долгот? Ова особено се однесува на данокот на добивка. Како резултат на ваквите законски измени фирмите се доведуваат во ризик и од намалување на ликвидноста. Физичките лица односно граѓаните, кои не можат да ги наплатат своите побарувања, ќе изгубат пари или други добра, што ќе придонесе за зголемување на социјалните случаи – пишува во дописот на АКМ.

Анализите на АКМ покажале дека во Хрватска, БИХ и други земји ги имаат истите одредби како што беа одредбите во земјава пред донесувањето на овие законски одредби. Исто така, комората напоменува дека доколку доверителите поднесат тужби пред судот во Стразбур, според воспоставената практика на судот, извесно е дека ќе се утврди повреда на правата од Европска конвенција за заштита на човековите права и државата ќе биде таа која ќе ги плаќа штетите. Ова значи дека сите граѓани во Република Македонија ќе ги плаќаат долговите на неплаќачите. Исто така, новите законски одредби се спротивни и на меѓународното право, бидејќи постои судска пресуда од Европскиот суд за човекови права, донесена за случајот „Бочварска против Република Македонија“ под број 27865/2, каде судот се произнел дека побарувањата мора да се третираат како сопственост.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.